Распеано катче

Илина и Јована Николовски се две сестри на возраст од 14 и 13 години. Илина е деветто одделение во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје, а Јована седмо. Потекнуваат од музичко семејство и од многу рана возраст покажуваат интерес кон музиката. Исто така, тие се и ученички во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, отсек соло-пеење. Покрај музиката, Илина и Јована веќе седум години посетуваат и часови по глума во драмско студио.
Досега имаат снимено 15 свои песни. Првиот настап им беше на детскиот фестивал „Чунга лунга“ во Охрид, во рамките на „Охридски трубадури 2016“, со песничката „Лето“.
Во 2017 година настапија на детскиот музички фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола, со песничката „Јаболчиња“, каде што добија и една од наградите. На детскиот музички фестивал „Јојо“ во Струмица ја испеаја песничката со наслов „Часовник“. Исто така имаат и две празнични песнички во кои се опеваат најголемите христијански празници Божиќ и Велигден. Во пресрет на новогодишните празници во 2018 година ја реализираа и песничката „Дедо Мраз“, која има и англиска верзија „Santa Claus“. Истата година по вторпат учествуваа на детскиот фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола, со песничката „Цреши на уши“, а ја снимија и англиската песна за деца „Mary had a little lamb“. За песната „Љубов“, во која ги придружува оперскиот пејач Кристијан Антовски, го снимија и својот прв видеозапис. Единаесеттата нивна песничка е насловена „Елко, елкичке“, а следните две се „Песнава да не заврши“ и „Ден ноќ“, кои се изведени на детскиот фестивал „Распеано детство“ во 2021 и 2022 година.
Во декември 2023 година излезе и првото авторско цеде на Илина и Јована со наслов „Љубов“. Лани во септември го реализираа и вториот спот за песната „Зборови“
Најновата песна на сестрите Илина и Јована е насловена „Мајка“, а спотот снимен за неа го режираше Глигор Кондовски.
Автори на текстовите на песните што ги пеат Илина и Јована се Кристина и Сашо Николовски, а музиката, аранжманот и продукцијата се дело на нивниот татко Сашо, кој подолго време се занимава со музика и компонирање.