проф. д-р Кирил Темков
Свадбите се едни од најважните и највеселите средби на луѓето. На младенците им се посакува среќа, им се упатуваат искрени желби заедничкиот живот да им мине убаво, да го постигнат она што ќе им го посака душата, да родат и изгледаат деца. На свадбите сите се радосни – оние што стапуваат во брак бидејќи се поврзале со силна и трајна нишка, оние што се со нив во тој прекрасен миг затоа што им е убаво на младите, а настанот и атмосферата разгалуваат. За свадбите се чува најубавата облека или се купува нова, и сите се дотеруваат и се подготвуваат за веселба. Се весели секој на свој начин, најчесто онака како што луѓето мислат дека треба да поминат прославите – со јадење и пиење, со пеење и танцување, со меѓусебно честитање.
Но тоа не е обична веселба. Две суштества, од разни страни, се поврзуваат во едно. Основата на семејството е љубовта, неговата цел е долго живеење заедно, градење заеднички живот.
Во семејството се вложуваат големи надежи, но тоа има навистина големи задачи. Семејството треба секому од неговите членови да му овозможи добро живеење, стабилни односи, чисти емоции, остварување на визиите и намерите. Тоа зема малку, бара само почитување меѓу неговите членови и следење на едноставните морални норми – внимание, пристојност, грижа, заинтересираност. За возврат дава многу, здружените сили го постигнуваат она што човекот не може да го стори сам. Семејството е остров во разбрануваното море на животот. Држејќи се заедно, знаејќи дека се еден покрај друг, членовите имаат сила да ги издржат сите бури. Кога семејството е добро и успешно, тоа е најголемата среќа што може да ја доживее човекот.
Во семејството се негува најубавото човеково чувство – љубовта. „Семејството е татковина на љубовта“, така пишува големиот италијански писател Џузепе Мацини. Во семејните односи има интимност, договарање и заедничко планирање. Сѐ се гради со доверба. Во рамките на семејството, човекот си наоѓа спокојство и спас. Во семејството се раѓаат деца и тие тука најдобро се одгледуваат и воспитуваат. И имотот вистински опстојува како семејна основа и богатство. Човекот најмногу се труди во полза на семејството.
Семејната љубов најдобро предизвикува благородни чувства кај човекот. Таа дава поткрепа и го насочува човекот кон вистинскиот пат. Кога постои семејна љубов, тогаш човекот не е сам, животот му е помил и поисполнет. Кога има љубов во семејството, меѓу мажот и жената и меѓу родителите и децата, тогаш е остварена големата замисла – човекот да создаде свет за себе, според своја мера, свет во кој ги достигнал најубавата смисла на љубовта и најздравата цел на животните настојувања.
Етичка мисла:
И најбедниот живот со своето семејство е повреден од изобилство во самотија.
Виетнамска поговорка