Лејла Шерифовска

Вие ни пишувате

Во денешната рубрика „Вие ни пишувате“, ви ја претставуваме Лејла Шерифовска, која во основното училиште „Ѓорче Петров“ во истоимената скопска општина денеска завршува седмо одделение.

Таа е љубопитно девојче и, како што вели, ја пронаоѓа уметноста насекаде околу себе. Прочитајте што ни напиша таа во своето писмо до нашата Редакција:
„Здраво, се радувам што во денешниот број на ’Колибри‘, моите врсници од цела Македонија ќе можат да се запознаат со моите преокупации, а пред сѐ со фотографијата. Сакам да ловам убави случки, моменти што понекогаш траат само секунда, но преку фотографијата можат да останат засекогаш. Обожувам да фотографирам природа, животни, па дури и мали детали што другите можеби не ги забележуваат.

Дел од фотографиите на Лејла Шерифовска

Имам и многу миленичиња – десет мачки, две кучиња, две водни желки и една риба. Сите тие ми се и инспирација и често ги цртам или ги фотографирам.

Освен фотографијата, мои хобија се цртањето и сликањето. Уживам кога со бои и линии можам да изразам како се чувствувам или што ми се врти низ мислите. Уметноста ми е начин да се изразам.

Дел од фотографиите на Лејла Шерифовска

Сепак, во иднина, барем засега, сакам да станам модел или глумица, затоа што сакам сцена, камери и креативност. Сакам да влегувам во различни улоги и да ги пренесувам емоциите преку движења и изрази. Мислам дека уметноста е насекаде околу нас – и во сликата, и во зборот, и во движењето – и сакам да бидам дел од неа.

Дел од фотографиите на Лејла Шерифовска

Ги поздравувам сите ученици и им посакувам убав и креативен летен распуст. Се разбира и јас ќе имам повеќе време да им се посветам на моите омилени активности“.