Во здраво тело здрав дух: Ана Михајловска (14), ракометарка во ЖРК Куманово
За Ана Михајловска (14) од Куманово ракометот е спорт што многу го сака и секој миг поминат на тренинг и на натпревар ја исполнува и ја поттикнува на поголеми успеси.
Таа првпат почнала да игра ракомет пред две години, а првите ракометни чекори ги направила во ракометната школа „Старс“ во Куманово. Први тренери ѝ биле поранешните кумановски ракометарки, сестрите Кети и Валентина Николовски.
Следната 2023 година таа како талентирана ракометарка преминува во ЖРК Куманово, клуб што во овој град важи за најдобра и најсилна ракометна екипа, која се натпреварува во Првата суперлига на Македонија. Тука, за кратко време, под водство на тренерот Славиша Димитриевски–Цаци, Ана со своите добри игри и настапи се избори за место во првата екипа. Истата година стигна и до својата прва титула, освојувајќи го Купот на Македонија.
Денеска, оваа 14-годишна спортистка е стандарден првотимец во екипата на ЖРК Куманово. Паралелно со настапот во сениорската екипа таа настапува и за младинската екипа на ЖРК Куманово каде што постигнува големи успеси. Нејзиниот рекорд како стрелец засега е седум постигнати гола на еден натпревар, додека за сениорската екипа на еден натпревар има постигнато најмногу три гола. Сето ова говори за нејзиниот голем ракометен талент и потенцијал за натамошна надградба.
Ана го наследила спортскиот ген од татко си Игор Михајловски, поранешен македонски, но и меѓународно успешен кошаркар, кој играл за екипите на Работнички, Порто, како и за тимот на КК Партизан од Белград, Србија. Токму со оваа екипа во 1992 година го освои Купот на европските шампиони.
Во моментот Ана е ученичка во прва година во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, каде што е многу добар ученик. Таа вели дека училиштето ѝ е примарна обврска, а барем засега ракометот ѝ е само хоби.
Т.Д.