Богата програма за млади на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“
Во чест на 67 години од излегувањето на првиот број на единствениот додаток за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“ и 95 години од раѓањето на неговата основачка, новинарката и поетеса Евгенија Шуплинова, родена на 9 јуни 1930 година во прилепско Тополчани, во рамките на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, во Детската зона, вчера се одржа поетски перформанс насловен „Сончева патека“
Во рамките на 59. издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, годинава како и минатата година, на радост на сите деца е организирана Детска зона со секојдневна разновидна програма.
Детската зона, која започна во саботата, беше отворена со театарска изложба, со ликовна работилница за деца на ликовните уметници и педагози Методи Исков и Елена Димоска од ателјето „Артика“ и со перформанс на поетите Филип Димоски и Лина Димоска со македонска поезија за деца.
Поетскиот перформанс насловен „Сончева патека“ беше сочинет од поезија на најзначајните македонски поети за деца како Ванчо Николески, Стојан Тарапуза, Перо Миленкоски, Киро Донев, Васил Мукаетов, Видое Подгорец, Рајко Јовчевски, Бошко Смаќоски, Ефтим Клетников, Волче Наумчески, а сето тоа во чест на 67 години од излегувањето на единствениот додаток за деца „Колибри“ во Нова Македонија и 95 години од раѓањето на неговата основачка, новинарката и поетеса Евгенија Шуплинова, родена на 9 јуни 1930 година во прилепско Тополчани.
Во неделата, пак, беше изведен драмски мозаик од басни и современи детски приказни со драмската дружина „Од глаата си патиме“ при СОУ „Климент Охридски“ под менторство на наставничката Јулијана Талеска.
Во понеделникот беше прикажана претставата „Загрозените животни во Македонија“ од Креативното школско театарче на учениците од ОУ „Круме Волнароски“ од с. Тополчани, а под менторство на наставничките Наташа В. Амбарџиева и Валентина Костоска.
Денеска, пак, од 10 часот, книжевна средба со авторска поезија за деца ќе одржи поетот Филип Димкоски.
Во наредните фестивалски денови претстојат креативни и интерактивни активности за децата од претшколска возраст. Ф.Д.
Што си игра Влатко од понеделник до недела
Понеделник
Денес сум мајстор
мешам вар и кал.
Кревам куќи високи
иако сум мал.
Вторник
Лекар сум, имам
слушалки на уши.
Брзај дете кај мене
болка штом те гуши.
Среда
Бродот што го направив
плови низ цел свет.
Со него ќе минам
континенти пет.
Четврток
Граничар сум, пушка стегам,
војник јас сум млад.
Си ги чувам слободата
и родниот град.
Петок
Нов вселенски брод
денес градам јас.
Со него сум решил
да појдам на Марс.
Сабота
Оџаците јас ги чистам,
тоа е тешка работа.
Оџачар сум млад и весел во секоја сабота.
Недела
Денеска мама и тато
уште од рани зори
со авион ќе ги прошетам
над родните зелени гори.
Евгенија Шуплинова