Наеднаш рибата проговори: „Детенце јас се викам Сима, а ти како се викаш?“ Марко зина да ѝ одговори, ама тогаш свирчето му падна од устата и се загуби во езерските длабочини…

Еден сончев ден, кога Марко беше на летување во Охрид, татко му и мајка му му рекоа: „Денеска Марко, со брод ќе пловиме по езерото. Сакаш?“
Марко многу се израдува, заплеска со рачињата и извика: „Сакам, сакам! Ама мамо, може ли да си го носам свирчето што ми го купи тато вчера? Сакам со него да им свирам на рибите“.
„Добро“, му рече мајка му на Марко. И тргнаа.
Бродот се викаше „Галија“, ги сечеше езерските води, а Марко со мајка си и татко си и со другите патници седеа на палубата и уживаа во глетката: насекаде околу бродот разиграни езерски бранчиња, а во далечината – градот Охрид, Самуиловите кули, околните планини…
Марко беше пресреќен. Од среќа му идеше да летне и да им се придружи на белите галеби, кои го надлетуваа езерото. Ама дете не може да лета. И така, Марко си седеше на палубата, си свиркаше со свирчето и ѕиркаше до длабоките езерски води за да види некоја голема риба. И навистина: во водата ја здогледа големата риба, која цело време го следеше бродот со кој пловеше Марко и одвреме-навреме му мавнуваше со опашката. А Марко, свиреше ли свиреше со свирчето. Татко му неколкупати го опомена да престане, велејќи му: „Аман бре, сине, запри, умот ни го извади“. Ама Марко се преправаше како да не го слуша татко си и продолжуваше да дува во свирчето и да ја гледа големата риба што го следеше бродот.

Наеднаш рибата проговори: „Детенце јас се викам Сима, а ти како се викаш?“ Марко зина да ѝ одговори, ама тогаш свирчето му падна од устата и се загуби во езерските длабочини… Е, дури тогаш настана пиштење… Ништо не можеше да го запре Марко да не плаче за своето свирче. Плачеше, плачеше, а бродот со пловеше понатаму.
Одеднаш до ушите на сите патници, па и на Марко, допре свирење на свирче. Сите се погледнаа зачудено. „Па, тоа е Марковото свирче“, повикаа.
Се чудеа од кај иде свирењето.
Марко погледна во водата и што ќе види: рибата Сима, мавта со опашката, а во устата го држи свирчето и свири, свири… Марко почна да вика: „Рибо Сима, те молам, дај ми го моето свирче, те молам, те молам…“ И продолжи да плаче. Не можејќи да го слуша Марко како плаче, на палубата се качи капетанот на бродот, чичко Наум и му рече: „Молчи детенце. Сега моите рибари ќе фрлат мрежа во езерото, ќе ја фатат рибата Сима, а таа ќе ти го врати свирчето“.

И така направија. Арно ама, кога ја качија рибата Сима не палубата, ја зина устата, го спушти свирчето и почна да скока како да стои на вжештен песок. „Зошто толку скокаш Симо?“, ја праша Марко.
„Затоа што рибата не може да живее надвор од водата“, рече капетанот, чичко Наум. „Ајде Марко, погали ја и пушти ја назад во езерото“.
Марко направи така. Ја погали рибата Сима, ја гушна цврсто со своите рачиња, ја бакна во перката на грбот и со помош на татко си ја фрли назад, во сините езерски води. А рибата Сима го следеше бродот „Галија“ до пристаништето во Охрид.

(Од книгата „Приказни за Марко“)


За авторката

Мирјанка Р. Селчанец е писателка и поетеса од Прилеп. Својот град, кој неизмерно го сака, авторката најмногу го задолжи со романите: „Анка“, „Гена“ и „Маргарита“, кои ја сочинуваат трилогијата „Прилепчанки“. Трите романи се напишани на стар прилепски дијалект. Авторка е и на монодрамите: „Камен на душата, „Мактуб“, „Живи закопани“ романите „Насадена љубов“, „Живот со патрдии“, „Бунтовник со причина“, „Лет кон божилакот“, „Розата на Ататаурк“ и други. Автор е и на неколку збирки поезија, а нејзините драмски текстови ги изведувале врвни актерски имиња, како Мите Грозданов, Сабина Ајрула Тозија, Снежана Стамеска, Шенка и Ѓорѓи Колозови.

Во однос на творештвото за деца најголем успех постигнува со книгата „Приказни за Марко“, која е дел до трилогијата за Марко и ги содржи книгите: „Забавачето Марко“ и „Првачето Марко“, бајко-романите „Илин“, „Насмевка“ и „На бајките збогум“.
Членка е на клубот на литературни творци од Прилеп и добитничка на највисокото признание на родниот град – наградата за животно дело „3 Ноември“.