Се одржа 5-та поетска манифестација „Детски гласови 2024“ во Преспа
Петтата, јубилејна поетска манифестација „Детски гласови 2024“ се одржа во Ресен на 28 септември, како дел од програмата на „Преспански јаболкобер 2024“. Песни на 77 млади автори од 7 до 18 години од цела Македонија се најдоа во истоимената поетската збирка, а на настанот своите творби ги прочитаа околу 50 учесници од многу градови на нашата држава. Дојдоа ученици од Скопје, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Кичево, Македонска Каменица, Пехчево, Гевгелија и, секако, претставници на домаќините – Ресен и Преспа.
„Во градот на јаболкото секогаш ќе се чувствуваш убаво. /А кога ќе бидеш дел од настанот ’Детски гласови’, каде што царуваат љубовта, среќата и дружбата, / ќе ти биде јасно зошто во Ресен патувам. / Во градот со широко срце и топла душа, / каде што детските гласчиња секој ќе посака да ги слуша“, се истакнува во една од творбите, напишани искрено и инспирирано, од една од авторките што се застапени во книгата.
Фотографијата на корицата е на Кице Герасовски, а на неа се: Матеа, Михаил, Ребека, Јованчо и Сара. Манифестацијата се одржа во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен, а беше поддржана од локалната самоуправа и од неколку компании од градот.
– Нашата визија да им бидеме поддршка на младите поети да творат на свој мајчин јазик станува сѐ помасовна, а детските гласови се сѐ посилни – велат од здружението „Жар Преспа“, кое е организатор на манифестацијата.
„Цветинова награда за мир“ за Даринка Весилевска
Манифестацијата „Детски гласови 2024“ се одржа во попладневните часови во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен, а поддржана е од локалната самоуправа.
На манифестацијата ѝ претходеа неколку настани. На почетокот дел од учесниците заедно со своите ментори и родители го посетија манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Јанковец, духовен храм на Преспа, каде што гостите беа топло пречекани од игуменот Спиридон. Потоа во ресторан, во непосредна близина на манастирот, со роденденска торта децата го прославија петтиот роденден на здружението.
Беше направена штафетата „Цвеќе на мирот“ од почитуваниот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин. Децата предавајќи ја штафетата се претставуваа и кажуваа пораки за мир, добрина, љубов…Тие посакаа да нема војни во светот и да царува мирот на планетата.
Кон небото беа пуштени шарени балони, а Живко Поповски -Цветин ги прогласи сите учесници на манифестацијата „Детски гласови“ за млади амбасадори на мирот.
Во негово име Валентина Ѓоргиевска Парго од Цветиновиот комитет за мир, на претседателката на здружението-организатор „Жар Преспа“ – Ресен, м-р Даринка Весилевска, ѝ врачи „Цветинова награда за мир“.
Доделени медали за лојалност
Исто така, Весилевска, како организаторка и уредничка на збирката, го отвори настанот. Таа ги пофали пристигнатите творби на учесниците, а потоа беа поздравени и рецензентката на книгата, новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, лекторот на збирката, професор по македонски јазик Влатко Стојковски, и секако и проф. д-р Елизабета Бандиловска и поетите Рамадан Далиповски и Сотир Чаушевски, како членови на тричленото стручно жири.
Програмата беше збогатена со музичките точки на младите ресенчани, прво, Наум Бумбаровски, а потоа и Даниел Мехмед, кој ја промовираше својата прва песна „Не е злато сѐ што сјае“, и со танцовите точки на Ема Кадинска и Стефанија Веслиевска, претставнички на ТСК „Спортакус“ од Битола.
Водители на настанот беа Ирина Секуловска и Борјан Веслиевски.
Откако присутните учесници ги прочитаа своите творби, организаторката им додели десет медали за лојалност на учениците што имаат петгодишно учество речиси во сите активности на здружението.
Наградени ученици
Во категоријата автори од 8 до 13 години, според резултатите на стручното жири, наградени учесници се:
Прво место: Матеј Велков (13) од с. Ерџелија, Свети Николе, за песната „Мојата татковина“. Менторка: Катерина Алексова Наумова;
Второ место: Розе Апостоловска (13) од с. Покрвеник, Ресен, за песната „Само една среќа“. Менторка: Дивна Поповска;
Трето место: Стефанија Бакулевска (13) од с. Пештани, Охрид, за песната „Срцето ми е таму горе“. Менторка: Емилија Митреска;
Во категоријата автори од 14 до18 години, според резултатите на стручното жири, наградени учесници се:
Прво место: Габриела Нешковска (17) од с. Ропотово, за песната „Сега знам“. Менторка: Соња Мирческа;
Второ место: Софија Трнковска (16) од с. Дабиље, Струмица, за песната „Љубов за цел свет“. Ментор: Васко Василев;
Трето место: Теодора Тасеска (15) од Прилеп, за песната „Природен пејзаж“. Менторка: Марија Кузеска;
Гран при за најубаво изрецитирана поетска творба доби Сара Стојческа (8), од Прилеп, за песната „Лето“. Менторка: Весна Арсиќ.
Сите учесници добија примерок од збирката и благодарница за учество. Тројцата првонаградени добија и пехари и пофалници. Првите двајца првонаградени освоија и наградно патување, додека десетмина пофалени учесници добија книга од издавачка куќа „Феникс“. Добитничката на гран прито доби пехар, книга и слика од бакар, донација од здружението „Иднина на традицијата“.
М.Т.