Таленти: Лора Стевановска, деветгодишна штипјанка во прегратките на музиката

Лора Стевановска е од Штип, има девет години, убаво пее и свири на пијано. Таа потекнува од музичко семејство и уште од најмала возраст пројавила интерес кон музиката.
Кога имала само четири години Лора ја запишале во едукативниот центар „Фис кидс“ во Штип, каде што посетувала програма за мали деца насловена „Музичка едукација низ игра“, во класата на проф. м-р Ирена Крстевска Стевановска.
Наредната 2020 година Лора ја снима преработката на детската песна „Огледалце“, со што и официјално зачекорува во музичките води. Истата година како пиjано-изведувачка учествува на онлајн меѓународниот музички натпревар „Винтер мјузик компетишн“, со седиште во Њујорк, САД, и ја освојува првата награда. Следната година снима и преработка на новогодишната песна „Ѕвончиња“ и се запишува во основното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, на инструментот пијано, во класата на проф. м-р Бисера Иванова Горгиева. Од тој момент Лора започнува паралелно да настапува како пијанистка, но продолжува и со пеењето.
Истата 2021 година учествува на меѓународниот фестивал во поп-пеење „Крстопат на музите“ во Софија, Бугарија, и ја освојува првата награда. Следната 2022 година како солистка настапува на фестивалот на детски песни „Весело штурче“ во Штип и ја пее песничката „Димитри“. Но на наредното фестивалско издание настапи како пијанистка.
Таа во својата кратка музичка кариера учествувала на повеќе музички натпревари и била наградена. Освоила прво место на општински и регионален натпревар во родниот град, како и на меѓународни натпревари во Штип, Скопје, и Кавадарци, а во Битола била второпласирана. Во меѓувреме стигна и покана за нејзин настап во Њујорк.
Лора годинава повторно запеа на фестивалот „Весело штурче“ во Штип, каде што се претстави со песната „Рокенрол и блуз“. Ама по сѐ изгледа таа сака и поп-музика, бидејќи деновиве на социјалните мрежи постави снимка како ја пее песната „Чаршија“ на дуото „ДНК“.

Т.Д.