Фото: Фрипик

Катче за родителите

Основите на убавото однесување се стекнуваат до деветтата година од животот, а децата најмногу учат од своите мајки и татковци

Секој родител сака да има пристојно, љубезно и културно дете. Убавото однесување или бонтонот е основната алатка за успешна социјализација, за идното одржување квалитетни, искрени и топли односи со другите луѓе – од познаници во соседството до колеги на работа, партнери… – за полесно да се постигнат целите во животот и да се стекне самодоверба.

Уште одамна возрасните ги учат децата како да се однесуваат во одредено опкружување, ситуација, култура, за да им го олеснат функционирањето во светот, што од нас бара едни кон други да се однесуваме на одреден начин. Тоа учење почнува со доаѓањето на бебето на свет. Уште пред да прозбори тоа може да разбере и свесно да ги одредува информациите.

Децата секојдневно учат од примерите на возрасните. На пример, ако мајката на своето синче или ќеркичка уште од првиот ден му вели „ти благодарам, љубов моја“ кога бебето ќе ѝ ја подаде играчката, кога ќе ја прегрне или ќе ѝ испрати бакнеж, детенцето кога ќе прозбори исто така ќе вели „благодарам“ и користењето на овој волшебен збор за него ќе биде нешто нормално и природно.

По периодот на учење по модел и со имитирање на родителите, поинтензивно и поконкретно учење на бонтонот кај детето почнува по втората година, кога може вербално да комуницира, а наученото се памети цел живот.

Така, родителите ќе ги предупредуваат своите деца да ги поздравуваат соседите или убаво да седат додека јадат, па дури и во адолесцентна или постара возраст. Но има одреден број лекции од убавото однесување што секое дете би требало да ги усвои до деветтата година. Идеален период за учење е од втората до шестата година, кога децата најмногу впиваат и кога се создаваат основите за убавото однесување на подоцнежна возраст.

Неколку работи што секое добро воспитано дете треба да ги знае:

– Не треба да се прекинуваат разговорите на постарите, а доколку тоа е неопходно, кажете „извинете што ве прекинувам, но би сакал…“

– Прашувајте за дозвола, на пример, „смеам ли да одам кај Марко да си играме“.

– Детето никако не смее да го критикува физичкиот изглед на луѓето или да покажува со прст. Навредливо би било да каже: „Мамо зошто оваа тета е толку дебела“ или „Погледни човекот нема рака“.

– Пред да влезе некаде, во нечиј туѓ простор, детето мора да знае дека треба да тропне на вратата. Но не заборавете дека и вие треба да тропнете на вратата на неговата соба со зборовите „смеам ли да влезам“, бидејќи таа е неговото интимно царство.

– Секој телефонски повик нека биде можност за уште една лекција на убаво однесување. Научете го детето дека кога ќе се јави најпрво треба да го поздрави соговорникот, да се претстави, па дури потоа да каже кого го бара. Пристојната комуникација е важна и во дигиталниот свет, при пишување мејлови, СМС, но и при четување.

– Запознавањето со нови личности е многу важна социјална вештина. Без оглед на тоа колку се мали, децата треба да му подадат рака на своето ново другарче и да му кажат: „Јас сум Бојан, како се викаш ти? Ајде да си играме“. Така детето ќе научи уште една лекција по бонтон, но и ќе го разбие стравот пред запознавање со нов врсник и ќе научи како некого да вклучи во игра. Така ќе може полесно да се приклучи кон некоја група деца што не ги познава баш најдобро и да почне да комуницира.

– Научете го детето дека при чистење на носот треба да користи шамиче, не своите прсти, а при кашлање да ја стави раката преку уста.

– Многу важно мерило за убаво однесување на детето е неговиот однос кон животната средина, кон природата и животните. Основното правило е: не фрлај отпад никаде на друго место, освен во канта за отпадоци. Потоа следуваат и специфични лекции: како да се селектира отпад, како да се грижи да им помага на животните, како да се однесува во шума или во парк, како да штеди енергија и слично. М.Т.