Фото:Фрипик

Од творештвото за деца на писателот Трајче Кацаров

Бев петто одделение кога тато нѐ извести дека празникот на трудот 1 Мај ќе го славиме покрај рекичката оддалечена на само неколку километара од градот. Кога ја отвори вратата на автомобилот и рече дека пристигнавме, како да ја крена завесата на сцената каде што природата облечена во своето најубаво руво, на тактот од мелодијата на распеаните, на сет глас, птички, ќе го одигра својот пролетен танц. Танц што не прави ништо друго освен што краде воздишки и од камен студените.
За миг станав дел од сценската магија. Почувствував како се одделувам од тлото под нозете и небаре Петар Пан, почнувам да летам по својата Недојдија. Се редеа сцените една по друга. И којзнае до каде ќе ме одведеше слепилото на занесот, ако од една грмушка покрај рекичката, змија не го изви телото кон мене. Грозотија наспроти сета убавина. Зло наспроти сета добрина. Веднаш станав свесен дека сум приземјен и дека треба да трчам. Да трчам побргу од секоја мисла што ме оддалечува од спасот – мама и тато.
„Мамо, бргу скриј ме, змија трча по мене!“, викнав и последниот атом од силата го употребив да се предадам на нејзините прегратки.
Лекичко поминувајќи со раката по косата и оросеното чело, ми рече: „Не плаши се мило. Змијата само те уплашила. Она што трча по тебе е стравот.“
„И ќе трча додека не решиш да заборавиш на змијата!“, рече тато и почнаа заедно со мама и сестричето гласно да се смеат.
Колку кратко, понекогаш, може да трае занесот од убавината, размислував додека ги гледав како весело, да не речам потскокнувајќи, ги редеа по црвеницата обрасната со млада трева: масата, столовите, кошницата со храната, без кои празнувањето би било на празно.
Смеата и радоста од лицата им ги избриша силниот дожд што се спушти од темниот облак, кој за миг го покри пролетното небо. Мама и тато како муви без глави се спуштија кон автомобилот. Сестричето трчајќи да не го накисне дождот, згазна на трнче. Гласно залелека. Ми дојде да се насмеам, ама оставив за др пат. Можеби за некое друго празнување на трудот.


За авторот

Трајче Кацаров (64) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата АКO е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 г. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип. Истата таа година го доби признанието „Деец во културата“, а во 2009 г. Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.