Промоција за деца во креативниот центар „Јадро“ во Скопје
Новата сликовница на писателката Виолета А. Наумовска, „Дневна среде шума“, минатиот вторник беше претставена пред младите читатели од ООУ „Ј.Х. Песталоци“.
Децата од неколку нижи одделенија, кои заедно со нивните наставнички точно навреме дојдоа во креативниот центар „Јадро“, блиску до влезот во Градскиот парк, внимателно го следеа настанот и активно учествуваа, одговарајќи на прашањата на авторката.
Промоторот, познатиот македонски писател за млади Велко Неделковски, напомена дека станува збор за дело што е нешто помеѓу сликовница и книга, напишано со интересен стил, близок до децата. Според него, најважно е што приказната, вешто донесена од страна на авторката, има и едукативна и еколошка порака.
– Виолета А. Наумовска е писателка што одлично ја познава детската психологија и умее да раскаже убави приказни. „Дневна среде шума“ е напишана допадливо, шармантно и блиски до вашата возраст, драги деца. И најважно е што носи една еколошка порака, која треба да стане дел од вашето секојдневие. Дека всушност таа дневна соба е вашето опкружување, за кое треба да се грижите – рече на промоцијата Велко Неделковски.
Виолета А. Наумовска посочи дека книгата „Дневна среде шума“е своевидно заокружување на едицијата „Шумски приказни“, која содржи пет дела. Всушност во последната нејзина книга се собрани сите ликови од претходните: Зајчица Лапачковска, Патката Паца, Дарежливото Мече, Ежето и Мечето Чувар.
– Во книгата се опфатени сите ликови со нивните пораки, за дарежливоста, за себеприфаќањето, за работливоста, за другарството, за почитувањето на различностите, здружени во една, која гласи: Природата е нашиот заеднички дом.
Така нашите шумски јунаци секој понеделник ја чистат шумата од отпадоци што луѓето ги оставаат во текот на викендот. И, секако, се грижат и за загубените предмети. И токму околу загубените предмети се развива дејство во кое се вклучуваат и децата од градот, кои има што да видат и да научат од нашите шумски јунаци и, секако, да им го пренесат тоа на своите сограѓани. Природата е нашиот заеднички дом, кон кој треба со почит и грижа да се однесуваме – изјави Наумовска.
Книгата завршува со интересна интерактивна страница, која треба да ги поттикне младите читатели да раскажуваат, да се потсетуваат на содржината, а и да раскажуваат свои приказни, користејќи ги понудените,инспиративни илустрации на илустраторот Александар Поповски.
Во ова дело што носи порака низ интересни случки и топло раскажани ситуации, книгата ја пренесува главната порака: „Природата е нашиот заеднички дом“. Таа повикува на градење заедништво преку одговорност и доверба, како и на почитување на секое живо суштество.
Писателката Виолета А. Наумовска е родена и живее во Скопје, а нејзината професионална кариера е тесно поврзана со образованието. Била средношколска професорка, универзитетска професорка, како и директорка и раководителка во јавни образовни институции.
Нејзиното творештво за деца и тинејџери е богато и разновидно – вклучува 17 наслови во неколку едиции: Облачиња, Шумски приказни, Чудесни приказни, како и романот „Огне и време за желби“. М.Т.