Катче за родителите
Новите услови за живот го сменија секојдневието, па, поради пандемијата на коронавирусот, повеќето луѓе минуваат повеќе време во своите домови гледајќи во екраните на паметните телефони, компјутерите и телевизорите. Меѓутоа, тоа не е добро, особено за децата во рана возраст.
Во последната деценија во психотераписката технологија се појавува нов израз – екранизам, кој се поврзува со негативното влијание на екранот на мозокот, особено кај младите генерации. Имено, гледањето во екранот, директно или индиректно, е поврзано со неврокогнитивниот развој на децата.
Доколку вашето дете, и покрај укажувањата, не ја прифаќа соработката и одбива да престане да ги користи мобилниот и другите видови технологии, тоа е аларм и прв симптом за појава на оваа состојба.
Исто така, еден од знаците дека вашето дете премногу ја користи технологијата се отсутноста и слабата концентрација за одредени активности, како и брзото префрлање од една активност на друга.
Екранизмот често може да прерасне и во социјално нарушување, со оглед на тоа дека децата поради прекумерната употреба на технологијата одбиваат интеракција со околината.
Навременото реагирање е многу важно детето да има правилен раст и развој. Важно е родителот навреме да забележи промена кај своето дете и да побара помош.
Психолозите велат дека под терминот екранизам, во стручната литература ги подразбираат сите тешкотии што ги забележуваме кај децата што настанале поради прекумерна изложеност на екраните во рана животна доба.
– Детето што минува пред екранот повеќе од еден час многу лесно може да стане психички запуштено, а тоа во некои држави е казниво дело. Во таквите случаи е неопходно и родителите да се вклучат во психотерапијата и да научат како да го поттикнуваат неговиот психосоматски развој – посочуваат психолозите.
Овие деца веднаш по препознавањето на проблемите мора да се вклучат во процес на неврофидбек-терапија, чија цел е мозокот да се врати во баланс и да се подготви стручњаците (логопеди, дефектолози, терапевти…) за пократко време да постигнат подобри резултати. Но за успехот е важна и возраста на детето.
Раната превенција, до три години е клучна. Мозокот на детето е најчувствителен во тој период и затоа негативното влијание на екраните е најголемо токму тогаш.
– Научниците наведуваат дека децата до три години никако не смеат да бидат изложени на екраните, од три до шест години по половина час на ден, додека децата на училишна возраст дневно смеат да минуваат вкупно по еден час пред екраните (со мобилен, телевизор, лаптоп..). Онлајн наставата е активна ментална работа со интеракција и таа не спаѓа во ризиците од екранизмот – нагласуваат психолозите.