Нови изданија за деца

На крајот на 2023 година, во малата сала на Центарот за култура во Битола, се одржа промоција на првата книга за деца и млади „Последниот лист гитарист“ од Даниела Петровска, професорка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во овој град.
– Книгата е поделена на прозни и поетски текстови, кои се распоредени во неколку циклуси. Некои од текстовите може да се рече дека се инспирирани од познатите ликови во литературата за деца, не станува збор само човечките суштества туку и за животните. На тој начин, тие текстови стануваат и бајковити и баснолики. Напишани се со нагласени фонетски изразни средства, во рима – објаснува авторката Петровска.
Промотори на книгата беа Биљана Димко, м-р Симона Петровска и д-р Анита Ангелевска. За книгата на м-р Даниела Петровска тие ги искажаа своите стручни мислења, при што беше изразено задоволството дека литературата за деца е збогатена за една вредност повеќе. Со текстовите што авторката ги има составено во силен естетско-етички код пренесува високохуманистички пораки.
Ученичката од четврта година Емилија Атанасовска е илустраторка на текстовите, со мали ремек-дела создадени низ нејзиното лично доживување на текстовите на професорката Даниела Петровска.

Промоцијата содржеше и богата разиграна програма реализирана од страна на учениците на авторката Петровска од втора година на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола и од децата од театарот „Бабец“ од Битола.
На промоцијата зборуваше и авторката на книгата „Последниот лист гитарист“, м-р Даниела Петровска. Таа ѝ се обрати на публиката низ краток и емоционален говор, исполнет со желбата да испрати порака до своите деца, до своите ученици, до родителите и учителите дека животот треба да се сака, дека секој личен пад е само прикриен благослов, зашто тој најавува широка перспектива на саморазвојот, кој никогаш не запира.
Таа дополни дека загубата на блиските личности од нејзиниот живот ја научила да гледа зад физичката стварност, која е ограничувачка и фрустрирачка, а преку создавањето на литературните текстови успева да биде подалеку од болката, поблиску до радоста.
Инаку, м-р Даниела Петровска е активна колумнистка на порталот „Апла.мк“, есеистка и книжевна критичарка. Таа е авторка на една книга за возрасни, насловена „Магијата на магискиот реализам“.

Ф.Д.


Последниот лист гитарист

Пожолтените лисја го напуштаа дрвото во лет, мислеа животот е клет. Но остана еден лист, реши во шумата да игра твист и да стане последниот гитарист.
− Не е време за тага, туку за музика блага. Што ако е есен, ветрот и јас ќе танцуваме без тага! Ќе дојдат животните шумски и ќе направиме журка по патеките друмски.
Есента не го плаши листот гитарист, ја покани Лили Коко, манекенка со става. Таа ќе собере публика бројна, сите да видат дека е стројна на пистата модна.
Има и друга листа за журката есенска славна, но Лили Коко ќе биде главна. Нема пред желката глава да ведне кога таа на пистата одвај ќе седне. Вервери ќе крене опаш кафеав, но не е опасна за нејзиниот став. А, Меца Дебелица не ѝ создава трема, таа само мед знае да зема. Пистата е патека ко Волга, на неа треба нога да се покаже долга.

Не е смешка, не е грешка, Лили облече фустан жолт, од лисја суви, зачекори гордо и од овации можеше да оглуви.
Листот гитарист свиреше и бас, и пееше наглас, шумата ечеше од забава чудна, па месечината од задоволство остана будна. Листот реши цела зима да не спие, во танцот на ѕвездите да се скрие. Ќе научи да лета, таа за жив нема да го смета, а Лили Коко ќе чека журка друга. Ќе тргне да бара жртва покрај пруга, да преживее мора за да дочека пролетна зора.
Дотогаш, деца мили, соберете фантастични сили и насликајте фустан во златножолти нијанси, одберете кој ќе го крои. Имајте сништа свои, листот гитарист сигурно исправен стои, чека нова есен за повторно да стане свесен: желбата е важна, таа е снажна. Будноста е сон, тој ве носи од реалноста вон. Таму животот е радост со невидена сладост.