Вие ни пишувате: Никола Павлески (16), шахист

Во овој број ни се претставува младиот шахист од Прилеп, Никола Павлески (16), кој тукушто заврши втора година во средното училиште „Ристе Ристески-Ричко“, насока електроника и телекомуникации, а негова голема љубов е шахот, каде што постигнува сѐ поголеми успеси и дома и во странство. Последната награда ја освои неодамна на првенството на Македонија во младински поединечни категории во шах. Во категоријата до 18 години стана вицешампион, односно го освои второто место, веднаш зад сениорскиот репрезентативец на Македонија Антон Златков.

Еве што ни напиша Никола:

„Здраво, јас се викам Никола Павлески, а со шахот се дружам од почетокот на 2023 година. Еве како се заинтересирав за оваа древна вештина. На 1 јануари пред две години бев настинат и не можев да спортувам, па за да не ми биде здодевно почнав да играм шах на сајтот Чес (chess.com). Со текот на времето забележав дека брзо напредувам и веќе во април се зачленив во младинската школа на ШК Прилеп. Во јули играв на мојот прв турнир, кој беше аматерски, и го освоив трето место. Првиот рејтингуван турнир ми беше во август на ’Шах Шех’ во Битола, каде што играв како почетник, а во октомври играв на истиот турнир и го зголемив мојот рејтинг за многу поени.

Моето прво патување до Србија беше во август 2024 година, кога бев на турнир во Крагуевац, и тогаш бев најсреќен бидејќи во групата А на рапид шах го освоив првото место со 8/9 поени. Ремизирав само со моите скопски пријатели. Имав уште неколку слични успеси и поради тоа ја добив Третоноемвриската награда на градот Прилеп. Во моментот мојот највисок рејтинг е на рапид шах, кој е 2.004, а на стандарден шах ми е 1.955 и сум во врвот меѓу македонските млади шахисти. Од февруари годинава се зачленив во Младинската школа на ШК Алкалоид, каде што заедно со соиграчите од клубот станавме екипни младински прваци. На последниот силен меѓународен турнир до 20 години, наречен ’Квалитет’, бев на делба од 6-то до 12-то место (според бухолцот, 10-то место).

Мои омилени светски шахисти се Михаил Таљ и Светозар Глигориќ, а мои тренери и поддржувачи се Звонко Станојоски и Тони Кироски. Омилено отворање во шах ми е италијанската игра, со која подобро се снаоѓам меѓу шаховските полиња. За мене шахот, несомнено, освен што е омилена игра е и голем предизвик и се надевам дека со многу труд и посветеност од ден на ден ќе бидам уште подобар и ќе победувам на светски турнири.

Драго ми е што шахот е сѐ поприсутен во наставата и се надевам дека за оваа волшебна игра ќе се заинтересираат голем број ученици“.