СРПСКИОТ ПОЕТ ВЛАСТА Н. ЦЕНИЌ НА ГОСТИ ВО МАКЕДОНИЈА
По повод Светскиот ден на поезијата – 21 март, учениците од ООУ „Александар Урдаревски“ од општината Чучер-Сандево, во близината на Скопје, имаа ретка можност да се сретнат со српскиот поет Власта Н. Цениќ, кој специјално за нив допатува од Србија.
Незаборавна средба со децата од Чучер-Сандево
Заедно со поетот Власта Цениќ, на настанот присуствуваше и претставникот на Српскиот културно-информативен центар (СПОНА), Милутин Станчиќ. Средбата се одржа пред учениците од петто до деветто одделение, како и ученици што факултативно го изучуваат српскиот јазик. Учениците интерпретираа песни од познатите македонски поети Кочо Рацин, Славко Јаневски и Блаже Конески, а потоа им се претстави поетот Власта Цениќ. Тој најпрво им изрецитира поезија од познатите српски поети како Јован Јовановиќ-Змај и Десанка Максимовиќ, а потоа ја претстави и својата поезија на српски и на македонски јазик, како и својата поетска збирка „Ѕвездена лектира“, во избор и препев на македонски јазик од поетот Филип Димкоски.
Полни со прекрасни впечатоци, учениците имаа безброј прашања за поетот, па, така, настана плоден разговор. Настанот го збогати ликовниот уметник и амбасадор на мирот Живко Поповски-Цветин, кој за време на средбата меѓу децата и поетот нацрта неколку од неговите насекаде препознатливи цветни минијатури.
Координатор на оваа училишна активност беше наставничката по македонски јазик Зорица Силјановска, а во реализацијата учествуваа и Маја Тапарчевиќ, раководителка на библиотеката, и Наташа Кипријановиќ, одделенска наставничка.
Директорката Сузе Велкова Радевска им додели благодарници на гостите за учество во работилниците. Власта Цениќ заедно со учениците засади борчиња во спомен на загинатите деца од Кочани.
Поетот Власт Н. Цениќ е чест гостин во Македонија, одржал средби и работилници со деца, како и поетски вечери во повеќе градови и бил учесник на повеќе манифестации преку кои ги гради и одржува културните и книжевните мостови меѓу Македонија и Србија. При ова негово доаѓање, освен во Чучер Сандево, средба со учениците одржа и во Куманово.
Чест гостин во Македонија
– Секаде бев пречекан со срдечни насмевки и со зборови за добредојде, а јас се трудев да возвратам со насмевки, убави зборови и прегратки. Светот би бил подобар кога меѓусебно би разменувале искрени зборови, без омраза, без злоба, затоа што поезијата не го прифаќа тоа. Поезијата е свежина за светот – рече за „Колибри“ поетот Власта Н. Цениќ.
Тој на овие средби со децата ја претстави и својата најнова книга „Загрл`те их, песме моје“ („Прегрнете ги, песни мои“), која содржи 33 оди за српските поети за деца, великани со чии стихови поетот израснал и кои му биле прва лектира, а подоцна некои му станале примери, а некои и пријатели.
Исто така, Власта Цениќ заедно со учениците засади борчиња во спомен на загинатите деца и млади од стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани минатата сабота.
Инаку, Светскиот ден на поезијата се одбележува од 1999 година. Според УНЕСКО (организација за образование, наука и култура на Обединетите нации) целта е да се поддржи јазичната разновидност преку поетско изразување и да се зголеми можноста да се чујат загрозените јазици.
Во 2021 година, во седиштето на УНЕСКО во Париз, Светскиот ден на поезијата беше посветен на стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет и научник Блаже Конески.
Ф.Д.
Крстозбор
Ми рече: „Е баш да ми се јавиш,
кога ќе те има во крстозбор“,
па си замина насмеана и горда
и скрши гранче од еден бор.
Долго ја гледав како заминува
додека не стана линија,
тенко јаже.
„Ќе биде така“, реков гордо
и насолзен, нема што
да се лаже.
Дете бев ама знаев дека
човек за љубов планини крева.
Ќе го залечи сонцето
она гранче
што скршено падна
во меката трева.
Еве дојдоа моите пет минути,
да го споделам ветувањето
дално: весникот ми ѕирка
од капутот, а јас во него,
под седум вертикално.
Власта Н. Цениќ
(Од книгата „Ѕвездена
лектира“, изд. „Стари поток“
-Кочани, 2022)
Препев: Филип Димкоски