„Емотивци“ е авторски проект на Васка Петкова, професорка по македонски јазик и литература во гимназијата „Добри Даскалов“ и менторка на учениците од драмската секција. Стиховите, пак, се на Микица Илова, вработена во Домот на културата, чиј придонес беше значаен во драмскиот дел на перформансот
Гимназијалците од Кавадарци на оригинален начин го одбележија Светскиот ден на поезијата
Љубителите на пишаниот збор во Кавадарци минатата недела имаа можност да присуствуваат на еден несекојдневен настан, кој уште долго ќе го паметат. Станува збор за поетско-драмскиот перформанс со наслов „Емотивци“, кој го изведоа учениците од гимназијата „Добри Даскалов“, во домот на културата „Иван Мазов-Климе“, по повод одбележувањето на Светскиот ден на поезијата на 21 март.
Преку моќната порака што ја испратија учениците, дека „Жената е мост по кој сите таги и радости минуваат“, тие ја прикажаа големината на жената, која храбро ги совладува сите предизвици на животот.
„Емотивци“ е авторски проект на Васка Петкова, професорка по македонски јазик и литература во гимназијата „Добри Даскалов“ и менторка на учениците од драмската секција. Стиховите, пак, се на Микица Илова, вработена во Домот на културата, чиј придонес беше значаен во драмскиот дел на перформансот. Дел од овој несекојдневен креативен настан беа учениците: Ангела Каровска, Благица Чадамова, Лилјана Милошевиќ, Владанка Богева, Марија Ралева, Марија Вешкова, Бојана Кирова, Елизабета Еленова, Теона Јорданова, Ангела Василевска, Томе Тефов, Ивана Јошева, Глигор Глигоров, Јованка Белевска, Даниела Ризова и Александра Минева. Целта на проектот, велат, е за миг секој од нас да ѕирне во длабочината на својата душа и да ги согледа сите емоции што како бисерен ѓердан се нанижани во неа и гласно да запраша од што е составена нашата душа.
Симнување на маските
Со симболичното симнување на театарските маски од лицето, учениците интерпретираа емотивни животни приказни, зрели текстови полни со мудрост и надминати искушенија. Беше претставен човекот како борец, но и победник над болеста, стравот предрасудите, болката… Раскажаа за значењето на семејството, како симбол на морални вредности и поддршка во моменти кога човекот се соочува со својата судбина.
Авторските стихови на Микица Илова проговорија за малите чудни суштества наречени емотивци, кои постојано се тука околу нас (беа и во публиката) и нѐ потсетуваат дека секој ден е скапоцен и вреден за живеење. „Убавината и задоволството е во малите нешта, најважното се гледа само со срцето затоа што секој миг е подарок на кој треба да му се радуваме со детска искреност“, беа некои од пораките. Младите креативци ја славеа љубовта, која беше главна инспирација за поетските и прозните секвенци од перформансот, кои проследени со звуците на гитарата допреа до публиката и никого не го оставија рамнодушен.
– Ова беше наша прва соработка со Микица Илова, со која на учениците им дадовме светол пример за уметничко дополнување, почит и поддршка. Нѐ споија уметноста и желбата за работа со млади луѓе, кои со голема амбиција се движат по патот на успехот. Младоста, талентот, мотивираноста, топлите насмевки и среќата испишани на нивните лица по завршувањето на перформансот се причината заради која постои уметноста – да го возвиши духовното битие на човекот до височини од кои многу поубаво се гледа животот. Да ги откриеме и да ги извадиме на виделина талентот и љубовта кон пишаниот збор – вели Васка Петкова, професорката по македонски јазик и литература во гимназијата „Добри Даскалов“.
Разменување искуства
Таа дополни дека кога работи со млади луѓе, соработката ја гради врз доверба и разменување искуства.
– Постојано се коригираме на подобро и заедно аплаудираме стремејќи се кон целта. Не ги штедиме часовите поминати во проби, секоја средба е предизвик на кој му пристапувам со многу љубов и отвореност за учење. Ги поттикнувам младите да го манифестираат својот талент и храбро да зачекорат на општествената сцена полни со знаење и самодоверба. Секој мој проект ми е драг на свој начин, во секој проект оставам дел од мојата душа. Најголемиот поттик и инспирација да ја работам оваа работа повеќе од 17 години е најискреното благодарам, добиено од моите ученици бидејќи е чисто, детско, непроценливо и единствено. Во низата мјузикли, театарски претстави, ораториуми, перформанси, рецитали, изложби, ораторства, издавање весник, карневалски дефилеа, мултимедијални проекти и промоции на литературни дела на ученици, посебно би ги издвоила двата мои авторски драмски текстови „Дон Кихот во куси панталони“ и „Љубов на трет поглед“. Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци е вистински расадник на млади таленти со кои е задоволство да се работи и јас искрено се гордеам со нивните дела – посочи Петкова.