НАСКОРО

Наскоро кога ќе исчезне ова проклетство и зло
На кое не сакам еве да му го споменам ни името
Раните цреши ќе заруменат и зреат на прадедовско тло
А во бавчите и нивите ќе изрти и ќе ни се умножи семето
Па белки и штрковите и ластовиците
Конечно оваа пролет ќе долетаат и кај нас
И заедно со славеите и канаринците
На балконите повторно ќе имаат хорски час
Садете кромид марули спанаќ цвекло и лук
Под сенките на оревите леските и лозниците
За вас нема да копа бере и вади никој друг
Сал саатот ќе ги брои делниците и празниците
Преку планината ќе се префрли сончевиот зрак
Потоците од зборови ќе станат брзи и плавни реки
Немирни и ладни ко лоши мисли ќе течат пак и пак
Без уроци и клетви ни црни ни бели ни тешки ни леки…

Христо Петрески


НЕВИДЛИВ НЕПРИЈАТЕЛ

Што ѝ се случи
на целава планета,
невидлив непријател
како на крилја шета.

Опасен е вирусот
короната болест носи,
немилосно луѓето
секој ден ги коси.

Не познава граници
нации и раси,
насекаде чувај се
било каде да си.

Кој не се чува
и вирусот го фати,
може да се разболи
и со живот да плати.

Саво Костадиновски


ДЕТЕТО ДОМА ШТО СЕДИ

Детето дома што седи
знае играчки да реди,
да гали бабини
коси седи,
со прсте мед да лизне,
да се меди, сликовници
да разгледува бледи,
да ја праша мама
како ластовиче
од јајце се веди,
да го праша дедо
како куќа
се гради со греди,
да ја праша баба
како од волна
влакно се преди
а тато да го праша
како тоа,
пари да се штеди!
Вреди, дете, вреди,
дома да се седи
и тука, тебе,
среќа ми те следи..
Панде Манојлов