Нашата земја изобилува со овошје и со зеленчук, така што може да се задоволат вкусовите дури и на оние најпребирливите, вели Наумоска-Димески
ОД МОЈ АГОЛ: Тодорка Наумоска-Димески, нутриционистка
Здраво, другари. Да се запознаеме: јас сум Тодорка и сум дипломирана нутриционистка. Дали знаете што е нутриционист? Ние сме тука да даваме совети за правилен начин на исхрана.
Да започнеме. Најпрво никоја храна, дури ни хамбургерите, не е штетна доколку се консумира во умерени количества. Најважно од сѐ е најголемиот дел од оброците да содржи овошје и зеленчук. А тие се многу вкусни. И најдобро е да бидат локални. Што значи локални? Произведени блиску до нас, времето од нивното берење до консумацијата да е што пократко, бидејќи така ги задржуваат хранливите состојки. Колку подолг пат поминува храната толку повеќе губи од својата хранлива вредност. Нашата земја изобилува со овошје и со зеленчук, така што може да се задоволат вкусовите дури и на оние најпребирливите. Значи, салата со секој оброк, а овошје за ужинка.
Да, смее да се јадат и тестенини. И јаглехидратите му се потребни на нашиот организам. И тука имаме голем избор. Макарони, шпагети, таљатели, кори, тарана, њоки, канелони, равиоли, тортелини… Важно е да не се консумираат секој ден и да не се прават со многу калорични сосови. Доматно пире, сирење, павлака, јајца, месо, спанаќ, босилек се дел од додатоците што прекрасно се комбинираат со тестенините.
Дозволен е и помфрит, само онаа поздравата варијанта, со печени компирчиња и зачини по желба. Со сирење врз него нема да ја почувствувате разликата.
Ориз, грав, леќа, грашок, боранија на сите можни начини. Ризото, тавче-гравче, плескавица од леќа, грашок со месо, потпечена боранија со јајца: никогаш доста од нив.
Месо – некои од нас го сакаат повеќе некои помалку, но и тука треба да бидеме умерени. Доволно е еднаш-двапати да го има во нашата неделна исхрана и, нормално, да е варено или печено.
Со рибата, пак, може да се опуштиме. Здраво е да се консумира, лесна е за приготвување и е многу е вкусна. Поделена е на морска и слатководна, филети и со коски, замрзната и свежа, печена на скара, а може и чорба, да одбереме каква што ни е по вкус.
Соковите треба да бидат природни, свежо цедени. Во другите има многу шеќери, кои не се добри ни за нашите заби ни за нашето севкупно здравје.
И многу, многу вода и физичка активност, за сите процеси во организмот да се одвиваат подобро и да се чуствуваме поенергично и витално.
Сол во мали количества и експериментирајте со зачини. Некои ќе ви се допаднат а некои не, ама само така ќе знаете дали оризот го сакате со цимет или повеќе ви е мерак на ванила.
Исто така е многу важна и големината на порцијата. По оброкот да се чувствуваме најадено, а не прејадено. Храната треба да биде сервирана со внимание и љубов, во помала чинија, затоа што многу е важен и визуелниот впечаток, и да се консумира полека и во друштво на нашите најблиски (роднините и пријателите).
О, гледам сум го заборавила неговото височество – десертот. Препорачувам да е во мали количества и да се избираат поздрави варијанти, торти и пудинзи со природни шеќери, сладолед од овошје, колачи со мед и слично.
Мислам дека накратко опфативме сѐ што е важно. И мислам не беше воопшто страшно. И ако ви се допадна, можеме наредниот пат да споделуваме рецепти што би можеле да ги приготвите сами или со мала помош на вашите родители, затоа што највкусна храна е онаа што сами сме ја приготвиле.