Нови изданија за млади

„Пламен и непокор“ е насловена едукативната музејска сликовница, втора по ред, која неодамна ѝ беше претставена на јавноста, а ја издаде НУ Музеј на македонската револуционерна борба за самостојност – Скопје. Нејзини автори се: Ана Вишинова, едукаторка и историчарка, и Даниела Митевска, кустос-историчарка.
Во својата рецензија, Елена Јовановиќ ќе рече:
„Оваа втора илустрирана музејска сликовница ќе им го доближи на младите периодот на Илинденското востание и Крушевската Република. Историјата на втората половина на 19 и почетокот на 20 век е период кога Македонија се наоѓа во рамките на Османлиското Царство, кое запаѓа во сѐ поголема стопанска криза и доцни во својот демократски развој. Тоа го поттикнува македонскиот народ да води националноослободителна борба за ослободување од османлиска власт и да формира сопствена независна држава. Најголемо востание што се крева во Македонија е Илинденското востание. Кога востаниците ќе ги ослободат Крушево и неговата околина, ќе се роди првата република на Балканот, Крушевската Република, која ќе биде изградена врз демократски принципи“.
Сликовницата содржи основен текст, илустрации и дополнителни текстови со кои се збогатува и обмислува градивото.
– Оваа музејска сликовница содржински е во корелација со наставната програма по предметот Историја во основните и во средните училишта. На тој начин ова издание ќе послужи како дополнување на часовите по историја, со интересни содржини и факти за значајни историски настани. Истовремено сликовницата преку интернет-страницата на ММБ ќе биде достапна и за преостанатите заинтересирани лица за овој период од историјата на македонскиот народ и пошироко во светот – назначува рецензентката Елена Јовановиќ.
Во денешниот број на „Колибри“ го пренесуваме делот од сликовницата наменет за големиот македонски револуционер Гоце Делчев, апостол и срцето на револуционерна Македонија. М.Т.


Најмалите од КУД „Гоце Делчев“ му оддадоа почит на својот патрон по повод 152 години од неговото раѓање

Дали сте знаеле

Водачите и позначајните војводи на Организацијата, со цел да го скријат својот вистински идентитет и да се заштитат од можно разоткривање и апсење од османлиските власти, многу често користеле псевдоними.
Така, на пример, Гоце Делчев најчесто го користел псевдонимот Ахил, Даме Груев – Брајан, Ѓорче Петров – Марко итн. Освен за луѓето, тајни имиња псевдоними се користеле и за населени места: Солун бил именуван како Света Гора, Битола како Ерусалим, Охрид како Белград, Струмица како Вирово, Смилево како Чикаго и сл.

 


Македонскиот Ахил

Она што ги влече срцата на луѓето да си споменат за легендарниот војвода Ѓорѓи (Гоце) Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) беше неговата посветеност на револуционерното дело. Тој беше „најдобриот меѓу сите храбри македонски синови“, идеолог, организатор и водач на Македонското револуционерно национално ослободително движење.
Како еден од позначајните членови на Организацијата, заедно со Ѓорче Петров ги изработил Уставот и Правилникот на Организацијата, а како нејзини значајни претставници во градот Софија жестоко се спротивставувале на туѓите влијанија, кои можеле да им наштетат на Организацијата и на борбата за слобода. Со цел да се помогне борбата, Гоце Делчев учествувал во организирањето на курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, муниција и револуционерна литература и весници.
Како еден од основачите на Четничкиот институт, кој се состоел од инструктори на чети, агитациски чети, селска полиција и народна војска, станал главен ревизор (инспектор) на четите. Тоа му овозможило директно да се вклучи во создавањето и воспитувањето на првите организациско-агитациски чети и војводи и најмногу да придонесе за бројното зголемување на МРО преку вклучувањето на македонските селани во нејзините редови, кои станале темел на организираната борба.
Во периодот на донесувањето на одлуката за општо востание во Македонија, Гоце Делчев станал еден од главните поборници на идејата да не се крева избрзано востание, туку да се чека поволен момент за тоа. Така, на советувањето во Софија, заедно со Ѓорче Петров, се заложил за промена на дотогашната тактика и од пасивно подготвителна да се помине кон поголема активност, со вооружени дејства, кои постојано ќе водат кон востание.
Според Делчев, тоа требало да се постигне со комбинирана примена на четничко-партизански дејства со непрекинати диверзантски акции. Не чекајќи го крајот на советувањето, Делчев заминал за Македонија да дејствува на терен и да го запознае членството во окрузите со своите ставови и со новата борбена стратегија. По средбите со револуционерите од Серскиот револуционерен округ и со Јане Сандански, кои ги прифатиле неговите услови, Делчев со својата чета се упатил за Солун, на средба со членовите на ЦК и со Даме Груев.
На патот за Солун, со намера да го демонстрира на дело новиот концепт на борбени дејства, извршил диверзантски акции, при што ги урнал железничкиот мост и тунелот на реката Драматица (Ангиста) во Драмско.
На средбата со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточеништво и се нашол пред свршен чин со одлуката за востание, која веќе била донесена, Делчев не успеал да го промени цврстиот став на Груев, но сепак и покрај разликите во гледиштата, постигнале согласност востанието да се прогласи кон крајот на летото и тоа да биде партизанско-четничко, а не масовно.
Најпосле, било договорено Даме Груев за тоа да го запознае конгресот на Битолскиот, а Гоце Делчев на Серскиот револуционерен округ.
На пат кон планината Алиботуш, каде што било планирано да се одржи конгрес на Серскиот револуционерен округ, четата на Гоце Делчев била откриена во селото Баница, Серско, каде што на 4 мај 1903 година, Делчев загинал во нерамноправна битка со османлискиот аскер. Со неговото загинување, Организацијата го загубила својот најголем идеолог и лидер на движењето, а македонскиот народ водачот на македонската револуција.

(Извадок од едукативната сликовница „Пламен и непокор“)


Гоце Делчев рекол:

„Делото на ослободувањето на еден народ е пред сѐ негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“.