Во Струга на плажа

Ова лето другарчиња,
право да ви кажам,
одлучив во Струга
да одам на плажа.

Во Охридско Езеро
по цел ден ќе пливам,
крај Црн Дрим ќе шетам
и ќе уживам.

Константин и Димитар
се струшките браќа,
кој во Струга дошол –
повторно се враќа.

Лето во Претор

Еве ја Преспа
насмеано лето,
детски игри, песни,
Отешево, Претор…

На Преспанско Езеро
многу деца одат,
на чист воздух
и бистра вода.

Штом ќе мине летото
и ќе дојде есен,
на црвени јаболка
одиме во Ресен.

Охрид

Ова лето Кирче
во Охрид ќе оди,
ќе игра, ќе плива
во езерски води.

Ќе се качи горе
на Калето старо,
кај што била војската
на Самуил царот.

Ќе гледа манастири
со вековно име,
на светите браќа,
на Наум и Климент…

Летото ќе мине
крај езеро чисто,
спомен за Прличев,
за Узунов Христо….

Дојди во Дојран

Драго мое другарче
летото те вика,
во Дојран на плажа –
најубава слика.

Олеандри мирисни,
на цвет бубамара,
рибари во кајчиња –
рипчиња на скара.

Ќе слушнеш и приказна
за Дојрана мома,
па весел и радосен
ќе се вратиш дома.

Вевчани

Крај изворот во Вевчани
темјанушки жолти, сини,
дојди гледај и уживај,
само немој да ги кинеш.
Наоколу зеленгора,
кокичиња, цвеќа разни,
штом ги видиш,сам ќе речеш:
– Ова е за бајки, сказни.

Тивко шуми Јабланица,
птици пеат крај водата,
за вевчанци, храбри момци
и за Ставре војводата!

Тој што барем еднаш дошол,
убавина што е сфатил,
па повторно, добредошол,
во Вевчани пак се вратил.

Блазе си ти, мило дете,
што те роди таква мајка,
во Вевчани, лично ликум,
ти да растеш ко во бајка!


За авторот

Наум Попески (25.11.1947-20.1.2025) е автор на околу 20 книги за најмладите читатели, како и на првиот бонтон за деца во земјава. Застапуван е во сите читанки по македонски јазик за основно образование, преведуван е на повеќе балкански јазици, застапуван е во повеќе антологии на поезијата за деца, а бил и учесник на многу меѓународни литературни манифестации за деца во земјава и во регионот. Бил член и на Здружението на новинарите и на Друштвото на писателите на Македонија, а неколку години беше и уредник на додатокот за деца „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“.
За своето долгогодишно плодно поетско творештво за деца е добитник на повеќе награди и признанија.