Ексклузивно во „Колибри“ во продолженија најновата поетска творба за деца на писателот Трајче Кацаров (4)
Ојлелија ојле-дум!
Ново сонце, нов ветер
нов се слуша шум!
Ојлелија ојле-дум!
Во шумичето над градот
на главниот шумски друм.
Ојлелија ојле-дум!
Нов се слави цар
Ежот од камен – Еженко Први.
Ојлелија ојле-дум!
Храброст и сила има
и не помалку ум!
Ојлелија ојле-дум!
Љубов безмерна ќе има
и вон и на главниот друм!
Ојлелија ојле-дум!
Во слава на царот Ежот
од камен
шумичката песни пее
зашто во светот му нема рамен!
Внимавајте, царе
Химната се пее.
Царот Еженко Први
насекаде го слават.
Но, не и вепарот Видел Невидел
Тој пораз не признава лесно.
Се враќа назад, залет зема.
крушката слатка да ја лапне,
да ја јаде вепарски да се слади.
*
Еженко Први – Ежот од камен,
на две нозе, химната
во слава на царот, го крева.
Не размислува дека нешто лошо
може да му се случи!
*
Наредени едни до други
на главниот шумски друм,
гласно, сосем гласно,
царските поданици
во хор гласно:
„Внимавајте, Царе,
вепарот Видел Невидел,
трча на сенката да ви стапне
а потоа да ве лапне!
Будење
Буден, главата
друга мисла не му раѓа
освен онаа што го тера
кај ежот од камен да сврати
Треба да дознае за да знае
што мака го натера во сонот
Еженко Први – цар да се види
*
Она што го виде го здрви
Јоцко, Боцко и Тоцко
На тајното место стигнале први
*
Под лисјето помисливме
еже се сокрива –му рече Јоцко
Чекавме долго
да шушне, да мушне
– додаде Боцко
Кога лисјето го растргнавме
наместо еж, најдовме
бусен трева – се вклучи и Тоцко
*
Се закикотија на сет глас.
*
Бусенот тргна од раце на раце.
А кога Еженко го осети во своите
и самиот смеејќи се рече:
Како ли само изгледа тој
што за бусенот од трева
помислил дека е еж од камен?
Мора да е слепец, кепец
и страшливец!
Извикаа: Јоцко, Боцко и Тоцко
и штотуку пристигнатите
Еженка мама и ежот Дали.
Мора да е слепец, кепец
и страшливец! – се согласи
Еженко, доскорашниот
шумски цар – Еженко Први
И така
Во шумичето
налик на раче зелено
Еженко од рано буден,
без многу лутања и врева,
дозна за роднината чуден
дека е обичен бусен од трева
(Крај)
За авторот
Трајче Кацаров (65) е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата, меѓу кои лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ за романот за деца „Не паркирај гаража“. За поемата „АКO“ е добитник на наградата „Григор Прличев“, а во 2004 година Кацаров е прогласен за личност на годината во општината Штип. Истата таа година го доби признанието „Деец во културата“, а во 2009 година Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.