Детската амбасада за сите деца во светот ни за време на пандемијата што му пркоси на светот не дозволи божиќните трпези да останат празни за социјално загрозените деца. Поради неможноста од физичко присуство, во согласност со мерките и препораките на надлежните институции, и оваа година активностите на амбасадата беа насочени повторно да внесат радост во детските срца и да ја предизвикаат детската насмевка. Првите луѓе на организацијата се погрижија да се испратат пакетчиња и ланч-пакети во домовите на повеќе од 500 деца, односно 600 пакетчиња и 550 оброци, за различни целни групи, како и за членовите на Детската амбасада и за партнерите.
– Годинава беа опфатени деца од Прилеп, Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Крушево, Штип, Охрид, Струга, Струмица… Важно ни е единството на децата, сплотеноста под едно небо, без никакви разлики по верска, етничка, јазична, или каква било определба на децата. Традицијата по 16-ти пат го потврдува нашето посветено дејствување за нашите најмили, за нашата иднина – децата. Едно небо за сите деца – велат од Детската амбасада за сите деца на светот.
Големата организација бараше и голема посветеност во вакви услови на пандемија, додаваат од Детската амбасада, но нема поубаво чувство кога знаеш дека внесуваш радост во едно мало, а големо срце.
– Големи се срцата на тимот од Детска амбасада и големиот број волонтери што се вклучија во успешната реализација на ручекот. Заклучно со овој 16-ти божиќен ручек, вкупно се опфатени повеќе од 9.000 деца – потенцираат надлежните, посочувајќи дека нивното мото е „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите ние заеднички да придонесуваме за градење на нашето општество.
Вредностите што се промовираат со самиот настан се: еднаквост, љубов и мир помеѓу децата.
Поради пандемијата не беа доделени Орденот носител на мирот, најпрестижно признание за општествена одговорност, и Плакетата за пријател на децата. Ка.М.