Линија

Линија права,
Многу можности дава.
Триаголник, квадрат
или круг,
немаш избор друг.
Триаголникот е тесен,
за цртање е лесен.
квадратот има
четири страни,
во еден цртеж
тие се збрани.
Кругот повикува:
Кој се движи
по линија лесна,
за него,
животот е песна!

Во светот на бајките тајни се кријат
кога децата мирно спијат.

Преку ноќ,
Аладиновата ламба
добива моќ
да ги исполни детските желби,
без никакви поделби.
Храбриот кројач
стигнува на еден рид
и го надмудрува
џинот сит.
Грдото пајче
плови со своето кајче,
во езерото каде што
белите лебеди
знаат за неговите победи.

Во светот на бајките, тајните што се кријат,
децата во сон ќе ги откријат!

Мојата бубамара,
слетала на кринов цвет,
да одмори од својот лет.

Летала по цел свет,
мислејќи дека поминала
километри пет.

Била во Шпанија,
а оттаму во Германија.

Во Англија
од дождот се криела,
па на велосипед спиела.

Потоа летнала и
лалето го сретнала.
Во Холандија тоа цвета,
а сигурно и на цела планета.

Во Париз,
не можела да јаде ориз,
но затоа видела кула
поголема од нула.
Пливала
и по реката Сена,
што тече и приказни влече.

Со нејзиниот тек,
стигнала до земјата
каде пицата ја има од век.
Патот го завршила
изморена и среќна,
на полињата во Пелагонија,
дома, во Македонија!


За авторката

Лидија Размоска-Тримовска е дипломиран педагог и магистерка по менаџмент во образованието. Родена е во 1982 година, во Охрид. Живее и работи во Скопје. Својот пат во светот на литературата го започнала во средношколските денови. Пишува поезија, раскази, есеи, осврти на книги, хаику и поезија за деца. Нејзината поезија досега е објавувана во различни домашни и меѓународни списанија и антологии. Добитничка е на награди на литературни конкурси, од кои позначајни се: првите награди за песна на меѓународниот литературен фестивал „Божиќна литература 2020“, за краток расказ на конкурсот распишан од меѓународната манифестација „Литература – уметност – култура“, Планетопија, 2021, за песна на Фестивалот на поезијата, културата и уметноста, 2022, во организација на Светската поетска асоцијација од Романија, на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2023“, Гостивар. Била членка на литературните клубови во Охрид и во Скопје, а активно се занимавала со радиоводителство и книжевни презентации. Авторка е на стихозбирката „Езерска воздишка“, „Макавеј“, 2005. Нејзина поезија е преведена на англиски и на српски јазик. Уредничка и презентерка е на блогот „Светулка“ на социјалната мрежа Фејсбук, каде што покрај својата поезија објавува творби и на други автори.