Песна за цветот

Гората ја краси,
сонцето го грее,
птица поздрав праќа,
песничка му пее.

Утре мала Вале,
роденден ќе слави,
полична да биде
в коси цвет ќе стави.

Честитка за мама
убава и мила,
дар со бакнеж даден,
зрачи љубов, сила.

Цветот мил е чедо,
на китната пролет,
најубав е украс
на гора и поле.

Априлко

Април весел Априлко,
разигран и бел,
ми разбудил цвеќиња,
насмеани дечиња,
в шумичка верверичка,
срнички и пчеличка,
птици мили, лесни,
за да пеат песни,
в поле жито младо,
во срцето радост!

По зрак сончев

По зрак сончев
поздрав праќам
нежен како цвеќе,
еј, да стигне насекаде,
секој да е среќен.

По зрак сончев
песна праќам,
песна кај што нема,
каде некој на децата
топол дом им зема.

По зрак сончев
желба лета
секаде по светот:
сите деца љубете ги
ко сонцето цветот!

Браво, браво

За Сонцето браво
живот што ни значи,
за книгата мила
љубов што ни зрачи.

За реката браво,
поле што ни пои,
еј ѕунице, браво,
небо што ни боиш.

За утрото браво,
денот што го носи,
за цвеќето нежно
дождец што ни роси.

За мамичка браво
што ми роди братче,
за родната земја –
мило мое катче.

(Од книгата „Сонев дворец“)