ВЉУБЕНИОТ РАНКО
Согласност ниту од мама
ниту од тато бара
Сам пред сите
На морскиот брег се котви
Песочни кули и замоци
Децата прават
Ранко други планови има
Срце прободено со стрела
На песокот црта
Како и секој вљубен
се надева
Со некоја од морските
сирени
Да почне да се задева.
ТЕШКО ПРАШАЊЕ ОДГОВОРОТ УШТЕ ПОТЕЖОК
– Сум слушал за морските
сирени
За морнарите од нив
што полудуваат.
Кажи ми море,
зарем од љубов
Може умот да се губи?
– прашува Ранко
Морето како и секогаш На морски начин
одговор праќа
Одважна како мачка
на покрив
Марија од петто пет,
на лежалката
За сончање се мести.
Штом во неа Ранко очи
впери
На морето му вели:
– Морам да одам, од
жешкото сонце
И мене умот од главата
ми се сели.
МАРИЈА СИРЕНАТА ОД ПЕТТО ПЕТ
Штом Марија од петто пет,
На лежалката за сончање ќе се смести
Ранко ја гледа и си мисли
Зарем треба да се дотурка до петто
За да се разбере – сирените
Не се само чудни по гласот
Туку и по стасот.
ОНА ШТО СЕ СЛУЧУВА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА Е СТРАШНО
– Нешто се случува
со нашиот Ранко
Повеќе не е спанко
Ниедно јадење не му годи
Само со морето разговор води.
– Не плаши се
И јас на времето се заљубив
Во морска сирена
Денес таа е моја жена.
Ранко отстрана го слуша
Разговорот на своите родители
И се прашува:
– Колку години треба да се има
За да не станеш чуден
Кога ќе кажеш – Во Марија
Морската сирена сум вљубен.