МОЈОТ ДЕДО МУСТАКЛИЈА

Наутро кога ќе се разбуди,
кашлајќи им ја краде
песната на петлите.
Ќе ја откачи месечината
од мустаците
и на тие исти мустаци
ќе го закачи сонцето.
Така, сјајниот мој дедо,
ќе се испрчи пред стројот
на дворските жители.
Прв на рапорт
се јавува петелот:
„Кокошките се на број, стари!“
По петелот, магарето:
„Капетане, Магарешката лаѓа,
подготвена е за пловидба!“
По магарето, кучето:
„Избркав сто гладни волци, стопану!“
По кучето, мачката:
„Уште пред појадокот ги изедов
сите глувци, мачору стар!“
Ете така, мојот дедо мустаклија,
штом наутро ќе направи рапорт,
ќе се сети дека заборавил:

На баба да ѝ свари кафе
и во постелата да ѝ го однесе,
а мене – малиот Дино,
топол бурек од фурната
да ми донесе.