Зошто

Зошто во многу срца и очи
злобата гнездо свила?
Љубовта зошто не цвета во нив,
љубовта топла и мила?

Зошто и раце проклети има,
несреќи безброј сеат,
па многу деца во бол и тага
плачат место да пеат?
Слобода зошто не грее сегде,
пролетна зора јасна,
па милиони невини деца
во глад и беда раснат?

И зошто деца без детство има,
без роса цвеќа нежни,
деца без песни, без игри, немир,
на срце болка лежи?

Зошто на светот топови грмат,
пушки и бомби клети?
Сакаме сонце, сакаме радост,
мирот сегде да свети!

(Песничка од книгата „Сончев дворец“)