Тој шарен свет

Елмо, Куки Монстер и Мапети од Азија и Блискиот Исток ги здружија силите за реализација на специјална епизода на познатата детска куклена серија „Улицата Сезам “, чија цел е да им помогне на малите момчиња и девојчиња да се справат со светот, свртен наопаку поради пандемијата на коронавирусот.
„Светските вести на Елмо“, кои во текот на следните неколку недели ќе се емитуваат на 13 јазици низ Латинска Америка, Супсахарска Африка, Азија и Блискиот Исток, ќе споделат активности, игри и совети за справување со „големи чувства“, како фрустрација и тага.

– Децата поминуваат многу повеќе време дома во затворено отколку порано, а семејствата навистина се борат како да им помогнат да продолжат да учат, да се ангажираат, да играат на нови начини – вели извршниот продуцент Скот Камерон, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Во 25-минутната специјална епизода, Елмо е домаќин на емисија вести од неговата спална соба, при што Куки Монстер игра специјален дописник, кој ја покажува својата кутија со активности „Нешта што ме прават среќен“.
Камерон изјави дека универзалната порака на „Улицата Сезам спешл“ е важноста на играта.
Оваа специјална епизода е дел од легендарната куклена серија, меѓународна детска образовна ТВ-програма.


Сезаме, отвори се

Сезаме, отвори се,
во светлина престори се!

Глетките чудни, сјајни,
зад тебе се сите тајни,
сите ѕвезди што се слават
– со времето што се здрават!

Сезаме, отвори се,
во ведрина престори се!

Отвори се веднаш сега,
од желбите не се бега,
не се бега ни од тронот
на јавето и на сонот!

Сезаме, отвори се!

Стојан Тарапуза
(Од книгата
„Капки со шапки“)