Фото: „Фестивал „Поточиња“

За сите дечиња, кои можеби се идните музички ѕвезди на детската мини-естрада, можеби најомилените делови од годината им се месеците кога започнува лоцирањето нови музички таленти за детскиот фестивал „Поточиња“.

Со голема радост и задоволство, организаторите најавуваат нов серијал од аудиции, кој ќе трае од 11 до 13 септември 2024 година, во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ (населба Аеродром), за прием на нови членови – учесници на новото фестивалско издание „Поточиња 2025“.

Младите таленти ќе биде потребно да отпеат една омилена песна по избор и притоа да понесат широка насмевка бидејќи мисијата на „Поточиња“ е среќни, весели и безгрижни деца.

Аудицијата ќе се одржи во наведените три дена (11.-13.9.2024) во период од 18 до 19 часот, а самото пријавување се врши на самото место. Аудицијата е за деца на возраст од 5 до 10 години.

Додека идните ѕвезди се подготвуваат за долгоочекуваната аудиција, можат да се потсетат како изгледаше последното 21. издание на фестивалот, кое дури седум пати ја исполни до последното место големата сала на Македонската филхармонија: https://www.youtube.com/watch?v=Dv57YaaqpU0&t=115s.