Татјана Гогоска нѐ израдува со „Магичниот круг на детството“

Деновиве од печат излезе новата книга за деца од авторката, новинарка и комуниколог Татјана Гогоска, со наслов „Магичниот круг на детството“. Ова е нејзино осмо печатено издание, а шесто наменето за најмладата читателска публика.
„Магичниот круг на детството“ е илустрирана книга, а покрај својот литературен и едукативен карактер има и свој мултимедијален дел. Таа содржи две приказни, кои од различни временски и општествени дистанци ги поврзува иста нишка, а тоа е растењето.
Првиот дел е посветен на „Најденко во магичниот круг“, дете од сегашноста, кое се чувствува изгубено во светот околу себе и затоа сонува за друг свет.
Вториот е адаптиран текст од народниот творец Марко Цепенков, насловен „Силјановиот магичен сон“, кој раскажува за една многу слична приказна од многу години пред ова наше време.
Децата што ќе ја имаат книгата, имаат можност да ја персонализираат. Таа има магична боенка, простор да си нацртаат или да си напишат свој магичен круг на детството и посебен дел каде што можат да создаваат музика на дадените стихови. Автор на илустрациите е Елена Максимовска.
Книгата е во издание на „КАТ продукција“, делумно помогната од Министерството за култура и туризам, а својата промоција ќе ја има на 19 септември во „Салонот 19,19“ во Културно-информативниот центар во Скопје.


„Волшебни детски драми“ најново од Марјан Анѓеловски

„Волшебни детски драми“ од Марјан Анѓеловски е новата книга наменета за детската читателска публика, која неодамна излезе од печат. Станува збор за дело што содржи девет драмски текста напишани во периодот од 2022 до 2025, а осум од нив се веќе поставени на сцена во продукција на „Алтернативен театар Отпишани“-Скопје. Досега претставите врз основа на овие драмски текстови се изведени повеќе од 300 пати низ основните училишта, градинките и домовите на културата низ Македонија.
– Овие драмски текстови имаат цел да ја поттикнат социјализацијата кај децата, да иницираат борба против врсничкото насилство, да ја доближат театарската уметност до младата публика, да развиваат креативен потенцијал кај децата, да влијаат врз зголемување на самодовербата кај децата – вели авторот Марјан Анѓеловски.
Рецензентката Снежана Стојчевска смета дека објавувањето на оваа книга пополнува празнина во однос на малата продукција на драмски текстови за деца во земјава.
– Во мигови кога книжевноста за деца доживува експанзија, може да се каже дека драмската форма е една од најзапоставените. Токму поради тоа го поздравувам овој подвиг на Анѓеловски и од срце ја препорачувам оваа книга за деца да биде издадена, а драмите да бидат изведувани и да допрат до што повеќе деца, родители и наставници – пишува Стојчевска.
Објавувањето на оваа книга е поддржано од Министерството за култура и туризам на Македонија. Ф.Д.