ПИСАТЕЛОТ ЗА ДЕЦА ВАСИЛ МУКАЕТОВ ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ 83. РОДЕНДЕН
Нашиот драг соработник, писателот Васил Мукаетов, на 27 јуни славеше роденден. Од срце му го честитаме и му посакуваме уште долго да биде присутен на страниците на „Колибри“, а неговите нови книги да бидат омилено четиво на сегашните и на генерациите што доаѓаат.
„Ти реков ми рече“,„Поглед со двоглед“, „Што е, што не е“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Скокни-прескокни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Има ли страна петта“ се само дел од насловите на многубројните дела на современиот македонски писател за деца Васил Мукаетов. Тој навистина го заслужува епитетот современ бидејќи, иако пред неколку дена наполни 83 години, неговите песни прозвучуваат со духот на современото дете, кое расте во урбаната средина, крај таблетите, телефоните и компјутерите. Мукаетов се соживува со неговите потреби, интереси и проблеми, секогаш забележувајќи понекоја поука често кажана низ шега.
И токму затоа, тој сѐ уште е омилен автор кај децата, сакан гостин на средбите со деца, во училиштата, во библиотеките и на фестивалите.
Со својата најверната публика, Мукаетов другарува уште од шеесеттите години на минатиот век објавувајќи свое творештво во списанијата „Титов пионер“, „Другарче“, „Развигор“, „Колибри“, „Ѕвезди“, „Детски клик“…
За книгата „Скокни прескокни“ е добитник на наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“ на традиционалниот конкурс на Друштвото на писателите на Македонија.
Бидејќи се слушнавме телефонски за да му го честитаме роденденот, Васил Мукаетов многу пријатно нѐ изненади со информацијата дека ја подготвува својата најнова книга со наслов „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“, која ќе претставува стиховна прошетка низ убавините и знаменитостите на нашата Македонија.
– Целта ми е дечињата на забавен начин да се запознаат со наши важни природни и историски знаменитости и мојата книга да им биде поттик натаму повеќе да истражуваат и како растат уште повеќе да читаат и подобро да се запознаат со убавините на нашата татковина – порача писателот Васил Мукаетов.
Ф.Д.
За летна лектира
„Волшебникот од Оз“,
„Петар Пан“…
за четвртоодделенците,
подготвен план.
И за размислување,
за разладување,
еве уште едно изненадување.
Ете, под сенка
би било в ред
Да го прочиташ „Возот в снег“.
И ми се чини
ќе те разладат и книги
за бели мечки, глечери
и пингвини.
Можеби додека на ТВ
жештини најавуваат,
некои наши деца
и вака да се разладуваат
и да се забавуваат.
(Од книгата „
Чукни, чукни трипати“)
Се летува и дома
Добро,
децата различно летуваат.
Многумина патуваат,
по езера, реки гостуваат.
Пливаат, се разладуваат.
Тоа ти се згоди,
се летува на води.
Ама
и зад нашава зграда,
на тревникот парада!
Децата си летуваат,
другаруваат,
се надитруваат.
И кошеви погодуваат.
Со ролерки се наттрчуваат.
Голови постигнуваат.
По скокови,
следуваат сокови.
И тоа не е сѐ.
На дофат – сладолед,
кока-кола,
не една туку две.
Тука се баби, дедовци, соседи.
На клупи,
наместо на троседи.
Навиваат.
И тие тука летуваат.
Светнале светилките,
игрите продолжуваат.
Само уште малку,
дома свртуваме.
Лето си е лето,
нежно ќе сонуваме.