Од творештвото на писателот: Ефтим Клетников
Таа ноќ наврапито Ветрот сврати
кај Малечката Принцеза на гости,
без да ѝ се извини со „Прости“.
Разотвори прозорци и врати,
потоа без поздрав, каков што е редот,
тој чуден жител на природата
седна среде соба на комодата,
спроти принцезата со лице бледо.
Но траеше кратко тоа. Потем стана
и почна палаво да кружи
околу бокалот на масата со ружи.
Плус и принцезата за рака ја фана
и почна нешто тајно да ѝ збори,
да ја врти и да танцува со неа,
да ја крева горе до под стреа.
Како знаме фустанчето ѝ го развиори.
Тој валцерски виор беше моќен,
сè преврте и неколку чаши скрши
пред да тивне. И конечно сврши
палавоста на гостинот ноќен,
Кога принцезата носена под крило
тој ја спушти и ја бакна нежно.
Потоа го снема и повтор е сè по прежно,
како ништо тука да не било.
Само в шурки уште малку тече
реката на сонот и Принцезата се чуди
дур подига клепки, дали вистина се буди,
или в друг сон сал се сели веќе.