Квачката Белка
Еднаш баба ми рече:
– Не знам каде ни се изгубува кокошката Белка. Ќе ја пуштам наутро заедно со другите кокошки, по цел ден шета со нив, а потоа ја снемува некаде. Навечер пред да зајде сонцето ги затворам сите кокошки во кокошарникот и на крајот ќе се појави Белка од некаде кокодајќи. Не знам што се случува со неа. А и јајце одамна не снела.
Го слушнав сето ова од баба ми и се прашував: „Навистина, каде може да оди Белка?“
Поминаа повеќе денови, Белка престана да си доаѓа дома и ние заборавивме на неа. Помисливме дека ја дигнал јастребот или ја изела лисицата.
Но едно утро додека баба ми ги хранеше кокошките од некаде се појави Белка. Со неа имаше и десетина пиленца со бела и жолтеникава боја. Тие цивкаа околу неа, а таа гордо чекореше пред нив. Одвреме-навреме ќе запреташе со нозете, ќе направеше „ква-ква-ква“, а пилињата ќе се собереа околу неа и колвеа од најдените црвчиња.
– Еве каде била нашата Белка. Лежела врз јајцата и станала квачка – се израдува баба ми и ѝ фрли неколку грста од јачменот.
Јас дојдов до неа и сакав да го фатам најубавото пиленце, но таа се накостреши и скокна врз мене. Сакаше да ме клукне со клунот и јас побегнав. Откако се најаде од зрната продолжи да шета по дворот. Пилињата весело цивкаа околу неа, бидејќи стомачињата им беа полни со храна. Беа радосни што мајката ги прошета и што сонцето топло грееше.
Пени Трпковски
(Од книгата „Приказни од Саракиново“)
Петелот Денко и озборувачките
Три кокошки
кавгаџики – квачки
три познати –
стари озборувачки,
во своите седала
си седеа
и вакви муабети
си редеа:
„Видете го петелот Денко,
наперчен стар надуенко,
како маѓепсан на плотот стои
и ѕвезди среде пладне брои!“
Петелот ги слушна што велат
и какви прекари му делат,
па се сврте кон нив тој час
и закукрига на сет глас:
„Престанете кавгаџики стари,
празна слама да тресете,
се фалите и перчите, божем –
сал златни јајца несете!
Јас си имам своја гордост!
Тенор-петел сум од збор!
Секој сака да ме има мене
во својот кокошарник и двор!“
Се засрамија трите квачки,
сфатија дека грешат,
па решија, препирката –
на мирен начин да ја решат…
Едната од нив, покорно стана
и веднаш на глас почна да реди,
за тоа колку нивниот Денко
од сите е сакан и колку вреди!
А, Денко ја гледа, ја слуша
и гордо извива гуша…
Остана наперчен да стои
и сред бел ден ѕвезди да брои.
Киро Донев
(Од книгата „Било и се скрило“)