Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња
„Бонтон за деца“ од Наум Попески (8)
Сте виделе ли кога некој се проѕева? Ја зинува устата, да помислиш дека ќе те лапне. Тој и не гледа дека е во друштво. Добро, проѕевањето е природна работа. Но кога веќе си зинал, стави ја раката на устата. А културно е, ако веќе проѕевањето зачестило, да му се извиниш на друштвото со тебе и – право во кревет. Оти, ако се проѕеваш постојано, другите ќе помислат дека ти е здодевно со нив. Затоа – добра ти ноќ!
А икањето?
И тоа си е природно. Икај ако ти се ика, бидејќи против тоа не може да се влијае. Не мораш ни да се извинуваш, оти тоа не зависи од тебе. Сепак, икањето е здодевно, јака ти душа. Труди се тоа помалку да се слуша.
За авторот
Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик. Од 1971 година работи како новинар во редакцијата на весникот, „Нова Македонија“, каде што го помина целиот работен век. Неколку години го уредуваше и додатокот за деца „Колибри“.
Автор е на петнаесетина книги за деца, меѓу кои: „Ајде да растеме“, објавена како дебитантска книга во „Детска радост“ – Скопје, во 1982 година, а потоа од перото на Попески следуваа и книгите „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“, „Еколошки бонтон“, „Спомени во слики“, „Летни, светни, светулке“…
Неговиот „Бонтон за деца“, книга за убаво однесување, е прво објавено дело од ваков вид на македонски јазик, и досега доживеала повеќе изданија.
Наум Попески е застапен во читанките по македонски јазик, а негови стихови има во многу антологии и зборници на литературата за деца. Преведуван е и на повеќе европски јазици, во книги и списанија за деца. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.