Нови книги: Прва сликовница за Битола на авторката Елена Наумовски
Сигурно знаете дека постојат сликовници за цареви, принцези, деца, за зрното грашок, за храбри витези, за Трнорушка и за сите оние добро познати и славни јунаци за кои веќе сте читале. Но дали сте сретнале или можеби сте помислиле дека постои сликовница за клавир? Jас досега немав слушнато за такво нешто, но еве од пред неколку дена се појави и таква сликовница посветена на клавирот. Ние сега ве водиме до Битола и ќе ви откриеме кој е тој толку инспиративен клавир, кој дури заслужил да се најде во сликовница.
Во рамките на традиционалната манифестација „Бит фест“ во Битола, која годинава се одржува по седумнаесетти пат, во книжарницата „Букс хаус“ (Book’s house) пред огромен број дечиња и родители, авторката Елена Наумовски-Нена и илустраторката Мирјана Бубевска ја претставија првата сликовница посветена на Битола, насловена „Битолскиот клавир Петко“.
Авторката Елена Наумовски Нена, која зад себе има две поетски збирки и еден роман во коавторство, првпат се впушта во инспиративниот свет на литературата за деца, па ни откри како дошла до таквата идеја.
– Клавирот Петко се роди пред една година, во два часот по полноќ. Тоа е време кога целиот свет спие, а мојот ум останува буден. И ете ти чудо. Ако таа ноќ не останев будна, немаше да бидеме тука. Сметам дека универзумот има некој чудесен концепт. Клавирот Петко е немиркo, инаетчија, па и покрај тоа што пропаѓа на дното од морето повторно сака да свири. Упорен е. Токму таа е поврзаноста на Петко со Битола и на Елена со Битола – рече авторката Елена Наумовски на промоцијата на нејзиното првенче за деца.
Сопственичката на книжарницата, Јулијана Делев, на отворањето на промоцијата ја истакна одговорноста на возрасните за пренесување на традицијата, историјата и убавината на Битола кон младите поколенија.
– Битола има многу со што да се гордее, и тоа никако не смее да биде премолчено.
А токму книгата е местото каде што приказните стануваат вечни. Во свет каде што дигиталното и видеото сè повеќе доминираат, вредноста на пишаниот збор никогаш не смее да биде заборавена. Сè почнува од зборовите. Без зборови – сме ништо. Читајте книги. Споделувајте приказни. Поддржувајте домашни автори, бидејќи македонските креатори заслужуваат видливост, вреднување и почит. Особено кога нивното творештво е насочено кон децата – најискрената и најважна публика – подвлече Јулијана Делев на промоцијата на сликовницата „Битолскиот клавир Петко“.
Настанот се одвиваше во волшебна атмосфера и предизвика огромен интерес кај публиката, а доказ за тоа е што целиот тираж беше распродаден на самиот настан.
Илустраторката Бубевска и авторката Наумовски најавија и идни проекти, нови приказни за деца поврзани со локалната култура, а и сликовници што ќе зборуваат за културата, историјата, легендите и традицијата во другите градови низ нашата земја, персонализирани сликовници, како и мала театарска и филмска школа за деца. Ф.Д.
Битола има многу со што да се гордее и тоа никако не смее да биде премолчено. А токму книгата е местото каде што приказните стануваат вечни. Во свет каде што дигиталното и видеото сè повеќе доминираат, вредноста на пишаниот збор никогаш не смее да биде заборавена. Поддржувајте домашни автори, бидејќи македонските креатори заслужуваат видливост, вреднување и почит. Особено кога нивното творештво е насочено кон децата – најискрената и најважна публика, рече Јулијана Делев на промоцијата на сликовницата „Битолскиот клавир Петко“