ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (5)
Другарчиња, знам дека внимавате што јадете и дека внесувате доволно овошје и зеленчук во вашата исхрана, но јас пишувам за да ви откријам уште понекој факт, понекоја интересна информација и, секако, низ рими за овошките и за зеленчуците ем да се забавувате ем да научите некоја занимливост. Денеска пееме и зборуваме за уште една интересна овошка, што кога ја јадете малку ви ја насобира устата, ама има многу свои добри страни. На здравје!
Ваш Филип Димкоски
Вкусен плод со лековити својства
Aронијата не е ни тревесто, ниту дрвенесто растение. Таа е грмушка. Нејзините плодови се ситни темносини бобинки. Потекнува од Северна Америка и од таму, не знаеме како ама допатувала кај нас. Бобинките имаат многу лековити својства, ама многу од нејзините својства дури сега се откриваат иако Индијанците уште многу одамна ги користеле за подготовка на лекови.
Црната аронија го содржи многу реткиот витамин П, а го содржи и реткиот овошен шеќер сорбитол.
Се одгледува и во Македонија, а може да се користи и како свежа и сушена. Од неа се прави сок, а се вари и чај, се прават и компоти, а и овошни јогурти. Но речиси како и со секое овошје така е со аронијата, најубаво е да се јаде свежа затоа што така има најголема хранлива вредност!
ОД БЕЛЕЖНИКОТ НА ВАСИЛ МУКАЕТОВ
Сите сме дома
Дома сме, како и сите
така и треба.
Како ни минуваат дните?
Од соседниот кат се гледа.
Ако сѐ предвид се земе
ние и немаме слободно време.
Дури и попладнето саботно,
ни е работно.Стигнуваат
лекции од учебниците,
тестови од наставниците,
по математика, македонски…
Се справуваме
и електронски.
Се гледа, пример се зема,
позафатен овде,
од основец нема!
Само од дедо ми
приговори чести.
Задолжен да гледа ТВ-вести,
траат по саат,
рекорди светски.
И што сега?
Можеби така и треба.
Аронија
Ситно зрнце е таа,
ем здраво, ем лек
кој аронија јаде –
ќе си има и долг век.
Од неа се прават
најразлични сокови,
мармалади и џемови,
многу е вкусна и здрава,
не случајно одбрале
и птиците со неа
да се хранат.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.