ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (29)

Лукчето има остар вкус и силна миризба и токму поради тоа некои луѓе го избегнуваат. Но кога ќе го вкусите, а згора на тоа и кога ќе дознаете колку е корисно за нашето здравје, брзо ќе му го простите силниот мирис. Лукот помага да ги спречиме и да ги лекуваме настинките, го подобрува движењето на крвта во организмот, го регулира притисокот… Уште неколку важни нешта за неговото височество лук ќе прочитате во песната што следува. На здравје!

Ваш Филип Димкоски


Лук

И денес кога безброј лекови има
докторите од светот се согласуваат
пред моќта на лукот
сите се поклонуваат.

Со лук сите болести
може да се спречат
а веќе болните
може да се излечат.

Старите Кинези, Евреи, Египќани и Грци
уште пред мнооогу векови
лук користеле за храна
за зачин и за лекови.

Ако на кромидот му ја простуваме лутината,
на лукот јакиот мирис треба да му се прости
оти двајцата треба на маса
да ни бидат посакувани гости.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.