Веќе од втората половина на август, на трпезата сѐ почесто има грозје. Раната сорта грозје, наречена „кардинал“, како да ја најавува есента. Црно или бело, повеќе или помалку благо, грозјето е вкусно, мирисливо и корисно овошје. Од него, освен вино, се произведува и ракија, се прави и шира, а се вари и слатко од посебни сорти грозје. Слатките зрнца му подаруваат на човековото тело многу минерали и витамини, корисни за здравјето. Добро е што релативно долго време може да се најде на пазарите и во маркетите и затоа уживајте во неговиот вкус додека го има. На здравје!
Ваш Филип Димкоски
Грозје
Свративме во нашето лозје
и набравме сочно зрело грозје.
Од грозјето темносино,
ќе направиме убаво
црвено вино.
А грозјето што е бело,
со сласт ќе го изедеме цело.
Тој пак што нема грозје,
нека сврати во нашето
лозје.
Нека набере колку
што сака,
но нека внимава
да не му го земе
ќосот што во лозницата
грака.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.