ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (25)

Валандово, Дојран и Гевгелија се единствените градови во нашата убава Македонија што може да се пофалат со одгледување и производство на вкусните калинки.
Станува збор за малечко дрво или грмушка со прекрасни мали портокалови цветови, кои подоцна стануваат крупни и сочни плодови. Калинката е едно од најстарите овошја и претставува симбол за долговечност, за здравје и за плодност.
Плодовите од калинката имаат благотворно дејство врз коските и врз нервниот систем кај човекот. Скинете една валандовска калинка, пресечете ја, почнете да ги јадете црвените зрнца и тие ќе ви го раскажат патот на калинките од нивата до трпезата. На здравје!


Калинка

Однадвор топчеста и мазна,
си велиш, внатре е празна.

Но внатре од црвенило се жари,
полна е со безброј зрнца мали.

Можеби нема да те спаси од глад,
но кој јаде калинки – секогаш е млад.
Филип Димкоски


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.