Можеби не сте знаеле, но за суперздравје и за супервиталност постои и суперхрана. Суперхрана се токму едни малечки плодови, кои може да бидат црни или бели. Значи постојат црни црници и бели црници. За жал, ги има ретко, а и уште поретко се користат во исхраната и малкумина знаат за нивните корисни својства. Во некои краишта се нарекуваат дудинки, а во други краеви боболки. Освен плодовите, корисни и лековити својства имаат и кората и листовите. За оваа година сезоната веќе им помина, но не заборавајте на нив следното лето!


Црница

Може да е црна, розеникава и бела,
грст ставам и устата ја полнам цела.

Највкусна е зрела од гранки да се јаде,
бери за себе, но и нa други ќе дадеш!

Многу ми е криво што ретко кој ја знае,
можеби затоа што плодот кратко ѝ трае.

Филип Димкоски


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.