ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (2)

Драги читатели на „Колибри“, од минатиот вторник ја воведовме новата рубрика „Песни кратки – за плодови слатки“, која ќе можете да ја читате секој вторник. Целта ни е преку песнички и преку фотографии да ве запознаеме со различните овошни и зеленчукови растенија што ни се потребни и корисни во исхраната. За некои од нив сигурно знаете, за некои ќе научите, а некои што досега не сте ги јаделе можеби оваа рубрика ќе ви помогне да ги пробате и да се уверите во нивниот пријатен вкус. Бидејќи нема добар лекар друг, како д-р Овошје и д-р Зеленчук.


Тројца најдобри другари

Морав и тројцата во овие стихови
во една песна заедно да ги сложам,
оти тројцава се најдобри другари
и еден без друг никаде не можат.

Целерот (без никакво сомневање),
се јаде свеж, сушен, како зачин,
а листовите и коренот целеров,
се готват – на сто и еден начин!

Магдоносот е корисно растение,
(се џвака и онака, од занимација),
јас од бавча го кинам и го џвакам,
а се користи дури и за декорација.

Третиот другар, со необичен вкус,
со мирис кој допира на целиот кат,
полн со минерали и разни витамини,
погодувате нели? – Тоа е пашканат.

Тројцата в кујна, со подготовка лесна,
ќе прашаш зошто живеат во иста песна?
Одговорот, ти велам, е лесен ко вода:
за супа в тенџере тие заедно одат.


Целер (геревиз), магдонос и пашканат

Од целерот може да се користи листот, а исто така и коренот. Затоа постојат различни сорти. Свеж или сушен може да се користи како зачин и како додаток во супи, чорби, манџи и други јадења. Има специфичен вкус и мирис, кој доаѓа од содржината на етерични масла. Може да се користи и за слабеење и за подобрување на апетитот, а помага при лекување разни болести.

Магдоносот, кој сигурно ви е повеќе познат, се користи поради неговиот лист, но иако поретко се употребува и коренот. Магдоносот исто така има специфичен мирис. Супа без магдонос, не е супа, нели? Во супи и салати особено е застапен во медитеранската кујна. Се смета дека е едно од најбогатите растенија со калиум (К). Од него се вари и вкусен и здрав чај.

За пашканатот се вели дека е и зачин и лек. Многу е хранлив и многу калоричен, а содржи витамини, минерали и растителни влакна. Одличен е за крем супи и добро се комбинира со други зеленчуци. И како што се вели во песничката и целерот и магдоносот и пашканатот одлично се вклопуваат заедно и ѝ даваат посебен вкус на секоја храна. Тука со нив е и уште еден портокалов господин, но за него повеќе ќе ви откриеме следниот пат.

На здравје!
Ваш, Филип Димкоски