Пиперката, како и доматот, како да е синоним за долгото топло лето. Пиперките, заедно со доматот, модриот патлиџан и компирот, ѝ припаѓаат на иста растителна фамилија. Пиперките како зеленчук може да бидат благи, но можат да имаат и лут вкус, а според бојата и формата може да бидат црвени и долги, зелени и дебели, сплеснати и жолтеникави, топчести, долгнавести и какви уште не. Свежата пиперка е многу здраво да се јаде, затоа што содржи големо количество витамин Ц. И што е најважно, од црвените пиперки се прави најубавиот македонски специјалитет – ајварот. Сѐ друго што треба да се открие за пиперките се наоѓа во оваа песничка.
Читајте, јадете и уживајте!
Пиперка
Не знам дали од Јужна Америка
со доматот заедно доаѓале
ама знам дека отсекогаш
во салата одлично се совпаѓале.
Барем кај нас во Македонија
пиперки има колку сакаш
и свежи да ги јадеш
и во пинџур да ги макаш.
Со нив се прават ајварот и лутицата
може да се нанижани,
некаде засолнети
печени, гмечени, пеглани
толчени, пржени, полнети.
И уште ли мислите
дека лимонот
е најбогат со витамин Ц?
E па не, епа не!
Пиперката тука
Зема прво место
и затоа јади ја
колку можеш почесто.
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.