Едноставно летото не може да се замисли без сочните лубеници начичкани со црни семчиња во внатрешноста. Иако е блага, а обично благите плодови ги сметаме за овошје, сепак лубеницата е зеленчук. Лубениците растејќи зафаќаат голема површина и потребна е плодна почва и многу вода за да се добијат квалитетни лубеници. Македонија надалеку е позната по вкусните лубеници, особено од струмичкиот и од пелагонискиот регион. Лубениците содржат големо количество вода и затоа се препорачуваат бидејќи ја регулираат температурата во организмот, освежуваат, ладат и помагаат за подобра работа на системот за лачење.
Мирисот и вкусот на лубеницата остануваат како спомен на секое лето, на сечие детство и токму затоа се инспирација за творештвото на многу писатели. Во македонската литература се познати расказот на Димитар Солев со наслов „Мирисот на расечена лубеница“ и расказот за деца „Лубеница“ од Генади Болиновски. Пријатно лето и многу уживање во вкусот на лубениците, кои јадејќи ги можеби ќе ве инспирираат да напишете или да нацртате нешто. И уште нешто, не грижете се ако сте измачкани по целото лице од сокот на лубениците и ако маичката ви е со дамки. Така е послатко. Уживајте!
Лубеница
Бостаништето е празно
нивата е тажна без лубеници
бостанџијата тракторот го товарил
продава бостан по градските улици.
Пред илјадници години лубеници растеле
во пустината Калахари
а и нам којзнае од кога
на ова поднебје некој ни ги дарил.
Омилено летно овошје
жедта одма ја гаси
а мирисот на расечена лубеница
ќе те стигне кај и да си.
Покрај сласта и вкусот
дечињата најмногу ги сакаат
од лубеничињата-фенерчињата.
И уште нешто!
Дали си знаел ти мој мал братко
дека од кората на лубениците
се вари вкусно слатко?