Здраво другарчиња! Како сте? Јас? Јас сум добар. Секое утро одам во бавчата и ѕирнувам за да проверам дали узреале првите јагоди. Веќе ги има по пазарите, ама не јас ќе чекам да узреат оние од мојата градина. Мислам дека многу деца со голема радост се сладат од ова пролетно овошје, кое може да го има и во текот на летото. Но ајде сега да ја прочитаме песнава, да научиме по нешто, а она што нема да го научиме од неа, ќе го дознаеме од додатокот со занимливостите.
Јагода
Јагодата е како покрив од куќа,
со ќерамиди жолти семчиња,
во пролет и во лето се јаде
омилена е за сите дечиња.
Витамини и вода полна
иако има плод мал
сѐ што е корисно и вкусно
во јагодата се збрало.
Јадете свежи јагоди
Јадете додека ги има, а
замрзнати, како џем и како сок
можат да се јадат и в зима.
Ништо не јаде, ништо не јаде
велат родителите на Анастасија,
но штом излегоа јагодите
тие од грижите се спасија.
Сок, сладолед, млечен кашест сок, компот, слатко… Во сите овие облици може да се вкуси и да се мириса прекрасната светлоцрвена јагода. А дали сте знаеле дека јагодата почнала да се одгледува во Бретања, Франција во 1750 година. Била донесена од Северна Америка, а уште еден вид бил донесен од Чиле од страна на Амеде Франсоа Фрезје во 1714 година.
По нашите шуми, исто така, можат да се сретнат и ситните и силно мирисливи шумски јагоди, кои се самоникнати растенија. Ако решите да одгледувате јагоди треба да знаете дека тие сакаат плодна и хумусна почва, многу вода, затоа што најголем процент од нивниот плод содржи вода и доволно сончева светлина, брзо ја прифаќаат почвата во која се засадени и лесно се размножуваат. Годинава ви посакувам да изедете многу јагоди како Анастасија, да изберете кои се највкусни и в година да си насадите на вашиот балкон или во градината. Да се јаде овошје и зеленчук е важно зашто тоа е добра храна, а се рекло од памтивек, добрата храна е и храна и лек.
Ваш, Филип Димкоски
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.