ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (10)
Нашето поднебје изобилува со разновидни видови овошје и зеленчук, а некои претставници иако не потекнуваат од тука, сепак прекрасно се развиваат и зреат под македонското сонце, а имаат посебен и препознатлив вкус и мирис. Но во денешно време многу се патува и светот е отворен, па така многу растенија за кои порано не сме знаеле, денес не само што ги има на нашите трпези туку успешно се одгледуваат и во нашите градини и ниви. Денес ќе зборуваме за еден малку познат зеленчук. Па, ајде заеднички да ја прочитаме песничкава и да видиме за што се работи.
Артичока
Во минатото била позната
само како народен лек,
а не е многу користена,
барем кај нас, во овој век.
Содржи разни минерали,
полна е со јаглени хидрати
и навистина веќе е време
– славата да ѝ се врати.
Артичоката е многу корисна,
ви велам без зафрканција
најмногу се одгледува
во Италија, Шпанија и Франција.
Сте слушнале за артичока? Или можеби сте вкусиле? Артичоката најмногу успева и најмногу се одгледува во медитеранските земји. Нејзините листови се зелени и виолетови. Ѝ припаѓа на фамилијата главоцветни растенија, од иста фамилија како и глуварчињата, салатите… Можеби ве чуди што споменувам фамилии. Сигурно ви се случило да ве прашаат од која фамилија сте. Е па, како што и вие и јас сме дел од семејства и фамилии, така и растенијата според разните нивни карактеристики се групирани во растителни фамилии. Но да продолжиме со уште некои интересни факти за артичоката.
Од неа се вари чај, а главичките со млади ливчиња се користат во исхраната. Се обаруваат или се варат пред јадење. Таа содржи витамин Ц и витамин К, а најважното нејзино својство е што помага организмот да се исчисти од отровите, помага при надуеност на стомакот и му помага на системот за варење. Ако сте решиле да слабеете, знајте дека артичоката помага да го намалиме апетитот. Ова растение има и безброј други корисни својства, а се надевам дека напишаново ќе ве привлече барем да го пробате… Кога сакате да одиме на пазар или во маркет за да си купиме артичока? Еве, предлагам потоа да побараме некој рецепт, па да ја приготвиме и да ја пробаме. На здравје!
Ваш, Филип Димкоски
За авторот
Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.