Рецептот за успешно пријателство е мешавина од внимание, искреност, љубов и безрезервна поддршка. Пријатели се оние луѓе со кои ги имаш најубавите спомени, кои се покрај тебе и во доброи во зло, кои ги почитуваат твоите несовршености, луѓе кај кои можеш во секое време да чукнеш на нивната врата
ОД МОЈ АГОЛ: м-р Катерина Спасовска-Трпкова, новинарка и педагог
Пријателите се најголемото богатство што може да го поседуваме. Тие се нашето огледало. На децата треба да им се укаже колку е важно другарството, што претставува тоа, како се негува и одржува. Другарството е како едно младо дрво што се сади и што од година на година расте и се зацврстува.
Децата првите другари ги стекнуваат во градинка. Некои од нив ќе продолжат и во училишните клупи, некои зацврстуваат, а некои, пак, се раскинуваат. Децата со исти потреби, манири, интереси се наоѓаат сами и не треба некој да им каже дали треба или не треба да бидат другари. Секоја нивна игра им го продлабочува другарството. Тие си помагаат и во училиште, договараат средби за играње, си кажуваат тајни. Работата на родителот е да му укаже на своето дете за потребата од пријателство.
Сепак, родителите не треба да им кажуваат на децата од мали нозе со кого треба, а со кого не треба да се дружат. Со текот на времето тие самите ќе си го најдат патот до вистинскиот пријател.
Најдобар пример за пријателство на децата треба да им дадеме од лично искуство. Сите наши згоди и незгоди со пријателите се интересни за децата. Раскажете им за вашиот најдобар другар од детството, а уште подобро би било ако вашите контакти траат, па децата да може да се запознаат со него. Заеднички раскажете како сте се запознале, што е тоа што ви го продлабочи пријателството, некоја анегдота што се памети и ќе биде пример како детето да постапи во таква ситуација.
Јасно е дека денешното бурно време на живот нѐ одалечува од пријателите, но децата се премногу мали за да го разберат тоа.
Кажете им дека пријатели се оние луѓе со кои ги имаш најубавите спомени, кои се покрај тебе и во добро и во зло, кои ги почитуваат твоите несовршености, луѓе кај кои можеш во секое време да чукнеш на нивната врата. Вистинските пријатели се редок вид, па кога ќе се најдат треба да се заштитат и негуваат. Ова се тие важни работи што треба да им се укажат на децата.
Научете ги да го негуваат пријателството, да нема непотребно лутење за ситници, карање за глупости, да не ставаат фасади пред себе, туку да бидат онакви какви што се. Во пријателството не постои простор за љубомора. Рецептот за успешно пријателство е мешавина од внимание, искреност, љубов и безрезервна поддршка. Успешното и вистинско пријателство е наша потреба за целиот живот.