Креативно катче за големи и мали
Куклените претстави се омилена забава меѓу децата, па ви предлагаме во овие денови, кога цели семејства се дома, да ги внесете и во своите домови. Инвентивните приказни никогаш не здосадуваат, а домашниот куклен театар ќе им овозможи на вашите деца повеќекратна занимација, како при правењето на куклите и сцените, така и во изведбата на претставите, кои може да бидат најразлични.
Издвоивме неколку предлози, како да го направите тоа со мал ангажман, но со големо уживање.
Кутија за игра на сенки
За оваа мини-сцена може добро да ви послужи капак од кутија за чевли. Исечете отвор, оставајќи мала рамка на која ќе залепите бела хартија, а може да ви послужи и онаа за печење колачиња. Кога ќе изберете која бајка ќе ја оживеете, поработете малку на декорацијата на сцената од предната страна, а потоа направете силуети на ликовите и залепете ги на стапчиња. Доколку ја имате книгата, најдобро е да ги копирате ликовите. Кога сѐ е подготвено, замрачете ја собата и запалете заднинско светло (декоративна ламба) и играта на сенки може да почне.
Сцена за кукли на стапче
Кутија од овесни снегулки е идеална како основа за оваа сцена. На предната страна направете голем прозорец, а на потесната страна направете отвори за стапчињата, низ кои ќе ги мрдате куклите. На спротивната страна закачете лента, со чија помош ќе ја држите сцената околу вратот. Во зависност од изборот на претставата, декорирајте ја и бината. Куклите од картон залепете ги на стапчиња, а може и на сламки, и претставата е подготвена.
Театар за носење
Картонска фасцикла претворете во театар што детето ќе може да го носи со себе и секогаш да има занимација при рака. На задната страна исечете отвор за сцената. Направете завеса од салфетка и украсете го предниот дел. Кога ќе ги осмислите главните ликови во претставата, нацртајте ги на картон и под нозете оставете уште еден дел, за кој ќе ја држите куклата додека е на сцена. На слободниот простор, зад бината, направете мали отвори, во кои ќе го вовлечете долниот дел од картонските кукли при пакувањето.
Овој предлог може да биде и интересен подарок за некое дете, за кое знаете дека ќе ужива во смислувањето нови приказни и бајки.
Сцена од кутија за чевли
Кутија со капак претворете во мала сцена за кукли што се навлекуваат на рака. Капакот е предниот дел на сцената и треба да го исечете, но да оставите мала рамка. Дното на кутијата исечете го за отвор за рацете. Капакот украсете го по желба и со мала трансформација на некој шарен чорап во кукла играта може да почне.
Параван за куклен театар
Од поголемо платно можете да направите параван зад кој вашите деца ќе глумат разни ликови и ќе ви ги доловат своите измислени приказни. Инспирирајте се со овие примери и смислете го најдоброто решение за вашето дете. Идеална позиција за вакви паравани е отворот на вратата, на кој можете да закачите или помеѓу да развлечете вакви паравани. А куклите може да бидат и кадифени играчки или кукли што ќе ги сошиете од филц или некој друг мек материјал, па ќе ги навлечете на рака.
Голема кутија за куклен театар
Ако имате голема кутија, искористете ја да направите сцена! Заднината исечете ја или направете отвор да може да се влезе во кутијата. Предниот дел е прозорецот за бината. Оставете малку простор за завесата и направете и други декорации, заедно со децата. Изберете глумци и повикајте ја публиката, која сигурно ќе ужива во куклената претстава во домашен амбиент.
Сцена за кукли што се навлекуваат на рака
За мајките што сакаат да ги разонодат своите деца ова е идеална сцена, бидејќи куклите едноставно се навлекуваат на раката. Кога децата ќе пораснат, и самите ќе можат да го прават тоа. Може да се носи околу врат, а притоа ќе ви овозможи да ги следите реакциите и одушевувањето на публиката. И вие и
децата ќе уживате во овие претстави.
Лична телевизија
За сите деца што сакаат да бидат телевизиски глумци и водители, предлагаме да направите лична телевизија. За оваа интересна игра изберете ретромодел. Исечете голем отвор за екранот, а од страната залепете копчиња за тон, боја, контраст… Ставете и антена од сламки за сок. На долниот дел исцртајте ногалки, зад кои ќе се скрие водителот (пејачот, глумецот). Вашата лична телевизија е подготвена за интересна целодневна програма.