Мила Зајкова од ООУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија, Нина Петкова од ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија, Давид Самарџиев од ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци, Андреј Бучков од ООУ „Климент Охридски“ – Миравци, Ана Димитрова од ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија и Ивана Грујиќ од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија се шестемина ученици што, како најистакнати меѓу своите соученици, ја понесоа титулата „првенец на генерација“ за учебната 2024/2025 година.
Ова престижно признание го стекнаа врз основа на одлуките на наставничките совети при своите училишта, во согласност со јасно утврдени критериуми, кои ги опфаќаат сите аспекти на нивното школување – од одличниот успех и примерно поведение, до активното учество во наставни и воннаставни активности, постигнатите резултати на општински, регионални и државни предметни натпревари, како и личниот ангажман и однесување што служи за пример.
Со тоа, овие ученици не само што го крунисаа своето досегашно школување со највисоко признание туку и испратија силна порака за важноста на трудот, знаењето и вредностите во образованието, како вистински амбасадори на младата успешна генерација од општина Гевгелија.
Од страна на директорите на училиштата, на првенците свечено им беа доделени признанија и симболични подароци, како знак на благодарност и поттик за понатамошен личен и академски развој. Од Општина Гевгелија, традиционално, ќе добијат парична награда во износ од 10.000 денари. Љ.А.