Детски фолклорни манифестации
Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, селото Негорци и КУД „Негорци“ во саботата беа домаќини на манифестацијата „Детски фолклорни смотри“, под наслов „На сретсело“. Настанот се одржаа на летната сцена во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци. Манифестацијата беше настан каде што срцето чукаше во ритамот на тапанот, каде што чекорите на младите игроорци носеа спомени од старите времиња и каде што песната и орото беа мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу постарите и помладите генерации.
Еден од главните и најсимболични моменти на оваа манифестација беше дефилето на учесниците низ населеното место Негорци, кога во центарот се формира најголемото оро, оро што не познава граници, оро што е симбол на пријателството меѓу децата.
На манифестацијата продефилираа над 300 млади игроорци од тринаесет ансамбли и културно-уметнички друштва, верни чувари на фолклорната ризница од повеќе краеви во Македонија. Покрај домаќините од КУД „Негорци“, учествуваа и фолклорната секција „Богородица“ од Богородица, КУД „Младост“ од Јосифово, КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица, КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, КУД „Бахар“ од Чалакли, Валандово, КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, фолклорното студио „Етнос“ од Скопје, ансамблот „Китка“ од Истибања, ансамблот „Тиквеш“ од Кавадарци, ансамблот „Керамичар“ од Велес, „Осоговски извор“ од Оризари и КУД „Глигор Прличев“ од Скопје. Љ.А.