Работилниците се одржаа во центарот за култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Скопје, во центарот за култура „Градска библиотека“ во Гостивар, ЈОУ библиотека „Искра“ во Кочани, ООУ „Никола Карев“ во Кочани, НУ библиотека „Григор Прличев“ во Oхрид и во НУ универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола

Успешно реализиран проект со интерактивни работилници во пет града со ученици од основните училишта

Проектот,,Мост меѓу генерациите е љубовта кон книгата“ неодамна беше заокружен со последната, петта литературна работилница. Активностите се одвиваа во пет града во Македонија, во јавните и градските библиотеки, како и во центрите за култура, а учествуваа ученици од основните училишта.
Носител на проектот е Библиотекарското здружение на Македонија, а одобрен е и од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес за 2024 година. Работилниците беа поврзани со читање и пишување.

Поттикнување сочувство и емпатија

Целта на библиотерапевтските работилници беше кај учениците да развијат емпатија, сочувство, утеха и поддршка, како и да поттикнат самореализација на сопствените капацитети. Истовремено, да ја ублажат агресивноста и да ја раскажат својата повлеченост.
Со ваков облик на најзначајната медиумска писменост за читање се чува менталното здравје, се создава афинитет за формирање вкусови на разни жанрови на книги, се приспособува на комуникација, бидејќи со прекумерната употреба на мобилни телефони и компјутери се доведува до неангажираност на умот и фантазијата кај децата.
Работилниците се одржаа во центарот за култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Скопје, во центарот за култура „Градска библиотека“ во Гостивар, ЈОУ библиотека „Искра“ во Кочани, ООУ „Никола Карев“ во Кочани, НУ библиотека „Григор Прличев“ во Oхрид и во НУ универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола.
Сите учесници беа сертифицирани од Библиотекарското здружение на Македонија, поточно им беа доделени сертификати на сто и шеесет (160) учесници.
Проектот „Како се создава книга и сега се чита“ е одобрен од Општина Кисела Вода (сектор за култура) како проект за поддршка за афирмација на културата за 2024 година, во сите основни училишни библиотеки заедно со своите четириесет и пет (45) ученици од училиштата ООУ,, Невена Георгиева-Дуња“, ООУ,, Климент Охридски“, ООУ,, Рајко Жинзифов“, ООУ,, Кирил Пејчиновиќ“, ООУ,, Кузман Шапкарев“, ООУ,, Круме Кепески“, ООУ,,Кузман Шапкарев“ и ООУ,, Партение Зографски“.
Тие се запознаваа, се дружеа и учеа за книжевни поетски стилови, а и ги збогатија своите библиотеки со примероци на е-книгички, три сликовници и анимација во Големата сала на Општина Кисела Вода од авторите Маја Трајковиќ и Михаил Трајковиќ.
Со читањето се подобрува успехот кај учениците, а наедно се подобрува и компетитивноста кај децата. Исто така се афирмира работата на училишните библиотекари преку конкурсот со нивните објавени песни и прозни состави во една брошура на новиот конкурс на темата „Ако го имам единствениот клуч од светот, што би отклучил…“, организиран од училишната библиотека при ООУ,,Невена Георгиева-Дуња“.

Активности низ игра и читање кинески басни

Се остварија низа активности низ игри и читање кинески басни, приказни, кратки поучни приказни и друга детска литература. Учениците создаваа позитивни морални и етички вредности и притоа ги прифаќаа интересите и способностите, со цел да поттикнат и да развијат самостојност и креативност како клучни компетенции за развојот на личноста кај децата.
Авторка и реализаторка на двата проекта „Мост меѓу генерациите е љубовта кон книгата“ и „Како се создава книга и сега се чита“ е м-р стручна соработничка-библиотекарка Маја Трајковиќ од ООУ,,Невена Георгиева-Дуња“ од Кисела Вода.
НУ национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, заедно со Невладината организација за македонско-германско пријателство и соработка од Скопје, а со поддршка на германската амбасада од Скопје, ја организираше тридневната работилницата „Гоинг грин“ (Going Green) – „Одиме кон зелено: Библиотеки како двигатели за одржлив развој: згради, менаџмент, проекти и услуги“.

Тридневната сертифицирана работилница се одржа од 5 до 7 ноември во Центарот за конференции и студии при НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а беше насочена кон ИФЛА/ЕНСУЛИБ, германското зелено библиотечно вмрежување и улогата на библиотеките во постигнување на целите за одржливост од „Агендата 2030“ на Обединетите нации.

Запознавање со зелени библиотеки

Библиотеките играат клучна улога во општествените промени. Тие се места каде што знаењето е достапно за сите и каде што луѓето можат да се информираат за важни прашања, како што се климатските промени и одржливиот развој. Со обезбедување ресурси и информации, библиотеките помагаат во издигање на свеста и едукацијата на заедниците.
Обуката ја водеше професорката Петра Хауке од Германија, членка во ИФЛА/ЕНСУЛИБ, вонредна професорка на Институтот за библиотекарство и информатика при универзитетот „Хумболт“ во Берлин, Германија, како и членка на Германската мрежа на зелени библиотеки. Таа го претстави концептот на зелени библиотеки, водечките принципи на тоа што претставува зелена библиотека и како да се премине кон зелена библиотека во согласност со вредностите на ЕУ во однос на прашањата за животната средина и климатските промени.
Се дискутираше и за тоа дека библиотеките можат да играат значајна улога во постигнување на целите на „Агендата 2030“ на Обединетите нации преку неколку начини, како обезбедување информации и ресурси за климатските промени, одржливиот развој и социјалната правда. Исто така, библиотеките можат да ги едуцираат заедниците за важните глобални прашања и можат да обезбедат пристап до дигитални и физички ресурси за сите, вклучувајќи ги маргинализираните групи. Тие промовираат и инклузивност и намалување на нееднаквостите, со организирање настани, работилници и дискусии за локални еколошки и социјални прашања. Библиотеките можат да ги поттикнат заедниците да дејствуваат на локално ниво, да поттикнат интегрирање на одржливи практики во нивното работење, како што се рециклирање, енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија и соработка со локални и меѓународни организации за промовирање одржливи иницијативи и програми.

Aвторка на текстот: Маја Трајковиќ